Muhammed Enes Çallı
09 Ноември 2023•Ажурирај: 10 Ноември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес ја повика Организацијата за економска соработка да го крене гласот против израелскиот напад врз Газа, јавува Анадолу.
„Доколку ние, како Организација за економска соработка, денес не го кренеме гласот заедно како муслимани, кога ќе го кренеме?“, праша Ердоган на 16-тиот самит на економската групација во главниот град на Узбекистан, Ташкент.
„Израел продолжува да бомбардира училишта, џамии, цркви, болници и ги уништува сите хуманитарни вредности“, рече турскиот претседател.
„Околу 73 отсто од речиси 11.000 луѓе брутално убиени од Израел во Газа се жени и деца“, рече Ердоган, критикувајќи ги Соединетите Американски Држави (САД) и Западот дека молчат за нападите на Израел врз Газа.
Во врска со хуманитарната помош за опколената енклава Газа, Ердоган рече дека Туркије досега испратила 10 авиони со 230 тони хуманитарна помош на египетскиот аеродром „Ел Ариш“ со помош на Каиро.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас на 7 октомври.
Според палестинските податоци, загинати се најмалку 10.569 Палестинци, од кои 4.324 се деца, а 2.823 се жени.
Бројот на загинати Израелци изнесува речиси 1.600, покажуваат најновите официјални податоци.