Burcu Çalık Göçümlü
26 Август 2021•Ажурирај: 26 Август 2021
АНКАРА (АА) - Министерството за одбрана на Турција објави дека по потребните разговори и разгледувања, а во согласност со актуелната ситуација, започна повлекувањето на припадниците на Турските вооружени сили (ТСК) од Авганистан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението се наведува дека турските сили служат во Авганистан од 2002 година во рамките на Обединетите нации, НАТО и билатералните договори за да придонесат за мирот и стабилноста на авганистанскиот народ со кого имаат силни историски и културни врски.
„По најавата на Соединетите Американски Држави (САД) и НАТО дека ќе го напуштат Авганистан, Турција преземајќи ја одговорноста ја искажа намерата, под одредени услови, да управува со Меѓународниот аеродром 'Хамид Карзаи' безбедно и според меѓународните стандарди, како што тоа го правеше шест години, водејќи се од зборовите дека 'Турција ќе остане со нив сè додека авганистанскиот народ тоа го сака'“, се истакнува во соопштението и се заклучува:
„Во тој контекст, заедно со војниците од други земји, интервениравме за време на метежот на аеродромот 'Хамид Карзаи', кога е воспоставена безбедностa на аеродромот и овозможена е неговата работа. За време на овој процес, 1.129 цивили се евакуирани со нашите воени авиони. Со проценка на различните контакти, моменталната состојба и ситуација, започна евакуацијата на припадниците на Турските вооружени сили. Турските вооружени сили се враќаат од Авганистан во нашата татковина со гордост што успешно ја исполнија доверената задача.“