Jeyhun Aliyev
26 Август 2021•Ажурирај: 28 Август 2021
АНКАРА (АА) - Портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин, изјави дека Турција можно е да остане во Авганистан за да им обезбеди техничка поддршка на талибанците во работењето на Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“ во главниот град Кабул по евакуацијата на нејзините војници од Авганистан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Откако нашите војници ќе се повлечат, можно е да ја продолжиме оваа оперативна задача на аеродромот. Ако се постигне договор во оваа насока, ние ќе продолжиме да ја даваме оваа услуга таму“, изјави Калин.
Националното Министерство за одбрана вчера објави дека Турција започнала со евакуација на своите војници од Авганистан.
„Од 2002 година, Турските вооружени сили дејствуваат во Авганистан во рамките на ОН, НАТО и билатералните договори за да придонесат за мирот, благосостојбата и стабилноста на авганистанскиот народ“, се вели во соопштението.
Говорејќи за информативниот канал НТВ, Калин рече дека повлекувањето на војниците ќе трае до 36 часа.
„По извршувањето на нивните должности на одличен и почестен начин, турските војници во Авганистан се враќаат дома. Турција ќе продолжи да работи за мир, безбедност и просперитет на нашите браќа и сестри од Авганистан“, изјави претходно тој на Твитер.
Калин, исто така, ја нагласи важноста на обезбедувањето на аеродромот, додавајќи дека продолжуваат преговорите за турските цивилни експерти кои даваат техничка поддршка на аеродромот.
Тој, исто така, го доведе во прашање капацитетот на талибанците за воспоставување безбедносна структура на аеродромот.
Калин рече дека цивилната дипломатска мисија на Турција ги продолжува своите должности во Авганистан, иако некои вработени се евакуирани.
„Нашиот амбасадор е таму, нашите вработени во Амбасадата се таму. Евакуиравме некои од нив, но главниот персонал е таму и тие ја продолжуваат својата работа“, рече тој.
- Односите со талибанците -
Говорејќи за односите со талибанците, Калин рече дека „чекорите што треба да се преземат на терен“ ќе ја одредат главната агенда за односите меѓу двете страни.
„Во овој момент“, рече тој, „најважниот чекор е воспоставување на сеопфатна и инклузивна влада во земјата зафатена од војна“.
Тој, исто така, потсети на зборовите на претседателот Реџеп Таип Ердоган дека дејствијата на талибанците, а не зборовите, ќе го одредат идниот тек на дејствувањето во Авганистан.
„Турската Влада им пристапува на пораките од талибанските лидери со претпазлив оптимизам засега“, рече Ердоган, додавајќи дека Анкара продолжува да биде во близок дијалог со сите страни во земјата.
- Бегалците -
Говорејќи за прашањето за бегалците, Калин рече: „Презедовме нови мерки за да спречиме илегална миграција. Турција не е ничие складиште за миграции.“
Тој посочи дека во случај на миграциски бран, најпрво ќе бидат засегнати соседните и граничните земји и ја повика меѓународната заедница да преземе одговорност за миграцијата.
„Турција го заврши својот дел во однос на прашањето за миграцијата и бегалците. Не е можно ниту веројатно да добие нов товар по ова“, рече тој.
Турција беше клучна транзитна точка за мигрантите кои сакаа да преминат во Европа за да започнат нов живот, особено оние што бегаа од војна и прогон.
Турција, која веќе е домаќин на 4 милиони бегалци, повеќе од која било земја во светот, презема нови безбедносни мерки во земјата и на границите за да спречи нов прилив на мигранти.