Sinan Özmüş
16 Август 2016•Ажурирај: 17 Август 2016
АНТАЛИЈА (АА) – Туристичкото место во Турција, Кемер, познато по убавите плажи и чистото море, го крие и бисерот стар повеќе од две илјади години, јавува Anadolu Agency (АА).
Станува збор за античкиот град Фаселис. Овој град за секого нуди по нешто. Има плажи, море, остатоци од стари градби, национален парк ... Според историските извори, градот постоел и пред новата ера, а поради својата широка понуда, денес привлекува голем број домашни и странски туристи. Сите оние што ќе го посетат овој град можат да уживаат во античкиот град, но и во чистото море и мирисот на боровите.
Градоначалникот на Кемер, Мустафа Џихад Феслихан, рече дека Фаселис има големо значење за туризмот во тој регион.
„Градот годишно го посетуваат околу 100.000 туристи. Оние што доаѓаат овде, можат целиот ден да го поминат тука, нема да им биде досадно“, смета Феслихан. Тој додаде дека Универзитетот Акдениз спроведува неколку археолошки истражувања на подрачјето на градот.
„Тоа е важно место за туризмот на Кемер. Порано тука се одржуваа и различни уметнички манифестации“, истакна Феслихан.
Според податоците на Дирекцијата за култура и туризам на Анталија, Фаселис во првите седум месеци оваа година го посетија 88.722 лица, а од продажбата на влезници остварен е приход од неколку стотици илјади евра.