Emre Aytekin
15 Ноември 2018•Ажурирај: 16 Ноември 2018
АНКАРА (АА) - Грчки археолози, во близина на селото Хилиомоди на Пелопонез пронајдоа остатоци од некогаш изгубениот антички град Тенеа, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Си-ен-ен“ (CNN) информира дека тим од експерти веруваат дека градот на југот од Грција, во 12 или во 13 век пред новата ера го основале заробеници во текот на Тројанската војна.
Министерството за култура на Грција соопшти дека локалитетот на градот во минатото бил забележан само во историски извори и сведочења, и додаде дека археолозите овој пат успеале да ја откријат локацијата на градот, следејќи ги откритијата на накит, монети и остатоците од станбените единици.
Елена Корка е на чело на тимот, кој за првпат на површина од 672 метри квадратни пронајде остатоци од објект за кои сите веруваат дека претставуваат остатоци од античкиот град Тенеа.
Корка го истакна значењето од откривањето на остатоците од градот, патеките и архитектонската структура.
„Откривме докази за живот и смрт... И тоа е само еден мал дел од историјата на ова место. Периодот кој претстои ќе ни овозможи да го процениме местото на кое се наоѓаме“, изјави Корка.
Таа додаде дека во темелите на ѕидовите се откриени гробови на деца, што е клучен детаљ кога станува збор за докази за постоење на град.
„Во текот на римскиот период постоеле стриктни правила за тоа каде се закопуваат мртвите. Само бебињата можеле да бидат закопувани во рамките на објектите во градот, сите останати биле закопувани надор“, појасни Корку.
Археолозите пронајдоа делови од глина, мермер и камени подови, и открија дека ѕидовите биле прекриени со малтер. Откриен е и простор за складирање и глинена цевка, долга 3,5 метри за која се претпоставува дека била користена за канализација.
Дворовите, столбовите и низа други нешта укажуваат дека станува збор за раскошна архитектура, а тоа пак, укажува на раскош и благосостојба во градот.
Корка истакна дека ископувањата започнале во 2013 година, а фокусирани се на гробници од хеленскиот и римскиот период во околината на градот, каде што археолозите досега открија 9 гробници. Сепак, остатоците од населбата во античкиот град за првпат се откриени оваа година.