Laith Joneidi,Gülşen Topçu
17 Март 2017•Ажурирај: 19 Март 2017
ИРБИД (AA) - Лејс Ел-Џунејди - Јорданскиот антички град Абила, во северозападниот дел на земјата, важи за подрачје со историја стара илјадници години, јавува Anadolu Agency (AA).
Инаку, Абила се наоѓа на 13 километри од градот Ирбид. Како резултат на многубројните археолошки истражувања спроведени на тоа подрачје, откриено е дека првата населба постоела и пред 5.000 години.
На подрачјето постојат остатоци од многу цивилизации кои се менувале низ историјата. Абила денес се наоѓа на подрачјето на древниот Декаполис (конфедерациија од десет града).
Сепак, и покрај сите богатства што ги поседува ова подрачје, жителите се незадоволни од поддршката и од интересот на локалните власти за нив.
Генералниот директор на Управата за историски споменици на Јордан, Мунзир ел-Јемџави, за АА изјави дека археолошките истражувања на ова подрачје започнале во 1980 година и дека досега се пронајдени три цркви кои се украсени со мозаици, а има и камени улици, амами, како и гробници украсени со фрески.
Ел-Јемџави појасни дека Абила е еден од десетте градови на Декаполис и дека шест од нив се наоѓаат во Јордан. Тој додаде дека ќе продолжи со археолошките истражувања со помош на кои ќе дојде до откритија што на ова подрачје ќе привлечат поголем број туристи.