Sibel Uğurlu
19 Ноември 2019•Ажурирај: 20 Ноември 2019
АНКАРА (АА) - Портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин, истакна дека претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, наредниот месец ќе оствари четирилатерален состанок со лидерите на Франција, Германија и Велика Британија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Калин во изјава за медиумите по состанокот на кабинетот во Претседателската палата нагласи дека турскиот претседател четирилатералниот состанок ќе го одржи по самитот на НАТО на 3 и 4 декември.
„На средбата, претседателот Ердоган ќе разговара за мисијата и визијата на НАТО, неговата позиција во 21. век, неговите идни активности и перцепцијата на заканите“, рече Калин.
Тој се осврна и на последниот договор на Турција со САД и Русија за безбедносната зона во Сирија, изразувајќи надеж дека земјите ќе ги почитуваат обврските кои произлегуваат од овие договори.
„Повторно упатуваме повик до САД, како страна во договорот постигнат на 17 октомври, исто како и до Руската Федерација, во контекст на договорот постигнат на 22 октомври во Сочи, да ги исполнат своите обврски", рече Калин.
На прашањето во врска со последната посета на претседателот Ердоган на САД, и прашањето на рускиот противвоздушен систем S-400 кој неговата земја го набавува од Русија, Калин рече дека тоа е завршена работа.
„Кога говориме за S-400,тука нема враќање. Тоа е готов договор под кој е ставен потпис", рече Калин.
Калин говореше и за синоќешната изјава на шефот на американскиот Стејт Департмент, Мајк Помпео, за тоа дека еврејските населби на Западен Брег за САД, повеќе не се илегални.
„Ја отфрламе оваа изјава која го крши меѓународното право и правата на Палестинците", порача Калин.