Турција

Истанбулските цистерни - спој на културата и долгогодишната традиција

Еден вид ризници на културата на Истанбул, градот со долга историја, се цистерните Јеребатан (Базилика), Нуруосманије, Бинбирдирек и Серефије

Mücahit Türetken  | 24.05.2018 - Обновена : 25.05.2018
Истанбулските цистерни - спој на културата и долгогодишната традиција İsa Terli/AA

Istanbul

ИСТАНБУЛ (АА) - Цистерните изградени за потребите на населението во Истанбул, кој со векови беше главен град на Византија и Османлиското царство, денес се незаменлив дел од културното наследство на овој град.

Еден вид ризници на културата на Истанбул, градот со долга историја, се цистерните Јеребатан (Базилика), Нуруосманије, Бинбирдирек и Серефије.

Џошкун Јилмаз, директор на Управата за култура и туризам во Истанбул, изјави дека во градот на Босфорот, поради недостаток на извори на вода, изградени се голем број цистерни, со цел во текот на летниот период да бидат достапни доволни количини вода.

- Цистерната Јеребатан ја посетија над милион лица -

Јилмаз истакна дека овие градби, кои потекнуваат од периодот на Римското и Византиското царство, биле од отворен и затворен тип.

„Најдобрите примери на цистерни од затворен тип се Јеребатан и Бинбирдирек. Најголемата затворена цистерна во Истанбул е Јеребатан. Изградена е по побуната Ника во 532 година од страна на царот Јустинијан I, а ја граделе 7.000 работници. Бидејќи е изградена на место на базилика, која е уништена во пожар во 475 година, го носи и називот цистерна Базилика“, рече Јилмаз.

Тој додаде дека во моментов е најпосетувана цистерна во Истанбул и служи како еден вид музеј и простор за одржување на национални и меѓународни активности.

Во 2017 година цистерната Јеребатан ја посетија 1.014.326 луѓе, од кои 500.362 странски и 513.964 домашни туристи.

„Втората најголема затворена цистерна во Истанбул, Бинбирдирек, со текот на времето пресушила и од 16 век служи како ателје. Денес е под управа на Град Истанбул“, објасни Јилмаз.

Најпознатата цистерна од отворен тип во Истанбул, според Јилмаз е Филдами, која се наоѓа во Бакирќој за која се претпоставува дека е изградена за време на владеењето на царот Валенс. Денес служи за одржување на разни културни манифестации.

- Цистерната под џамијата „Нуруосманије“ -

Јилмаз за АА сподели информации за просторот откриен за време на реставрацијата на џамијата „Нуруосманије“.

„Со извлекување на 420 камиони кал од под џамијата „Нуруосманије“ во 2013 година и со спуштањето на длабочина од 8,5 метри, под џамијата стара 270 години, откриен е простор од 2.042 квадратни метри, од кои 825 квадратни метри користен простор за кој се знаело дека постои, но кој во текот на низа години е затрупан со отпад“, рече Јилмаз.

Откриен е простор од 19 оддели, кој по изгледот потсетува на Јеребатан.

Јилмаз истакна дека денес овој простор привремено се користи како изложбен, но се планира да биде проектиран како значаен центар за изложби и активности.

Цистерната Серефије (Теодосиева) се наоѓа под некогашната зграда на управата на Општината Еминону, и е изградена за време на византискиот цар Теодосиј II, поточно меѓу 428 и 443 година.

Ја реставрираше управата на Град Истанбул, по што цистерната го доби своето место во културниот живот на Истанбул.

Во Истанбул постојат повеќе цистерни, меѓу кои најзначајни се Аетиус, Сфендон, Султанова, Ункапани и многу други.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın