Турција

Ердоган: „Турција е подготвена да биде домаќин на рускиот и украинскиот лидер“

„Турција сака тензиите помеѓу Русија и Украина да се решат пред тие да се претворат во нова криза“, рече турскиот претседател

Merve Gül Aydoğan Ağlarcı, Rabia İclal Turan  | 27.01.2022 - Обновена : 27.01.2022
Ердоган: „Турција е подготвена да биде домаќин на рускиот и украинскиот лидер“

АНКАРА (АА) - Во услови на зголемени тензии помеѓу Русија и Украина, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган повтори дека тој е подготвен да биде домаќин на лидерите на двете земји за „отворање на патот кон повторно воспоставување на мирот“, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Турција сака тензиите помеѓу Русија и Украина да се решат пред тие да се претворат во нова криза“, рече Ердоган за време на телевизиско интервју.

„Се надевам дека Русија нема да посегне кон вооружен напад и окупација на Украина“, додаде тој, истакнувајќи ја желбата на Турција за регионален мир и стабилност.

„Таков чекор“, рече тој, „не може да биде рационален за Русија и регионот.“

Ердоган, исто така, истакна дека го поканил рускиот претседател Владимир Путин во Турција, но датумот допрва треба да се одреди.

Тој, во меѓувреме, ја повтори јасната позиција на Турција за одржување на територијалниот интегритет на Украина.

Русија неодамна распореди десетици илјади војници во близина на источната граница на Украина, предизвикувајќи стравување дека Кремљ можеби планира нова воена офанзива на нејзиниот поранешен советски сосед.

Москва негира дека се подготвува за инвазија и рече дека нејзините војници се таму за вежби. Наместо тоа, издаде листа со безбедносни барања, која го вклучува и барањето Украина да не се приклучи кон НАТО, за да ги смири тековните тензии.

- Снабдувањето со гас од Иран -

За прекинот на увозот на гас од Иран преку гасоводот, Ердоган рече дека Турција не е должна на Иран, истакнувајќи дека таквите обвинувања се лаги.

Турскиот лидер рече дека зборувал со иранскиот колега Ебрахим Раиси за ова прашање. „Протокот на природен гас ќе продолжи за 10-15 дена“, рече Ердоган.

Иран неодамна потврди дека нема да испраќа природен гас за Турција помеѓу 21 јануари и 31 јануари поради технички дефект на главниот гасовод.

Турција спроведува намалување на гасот во индустрискиот сектор, особено во индустриските зони и електраните на природен гас за да обезбеди поволна рамнотежа помеѓу понудата и побарувачката во системот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.