Seval Ocak Adıyaman
21 Декември 2022•Ажурирај: 22 Декември 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Туркије стекна глобална конкурентност на многу полиња, особено во секторот на одбранбената индустрија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган денеска говореше на редовниот состанок на пратениците од Партијата на правдата и развојот (AK Parti) во Парламентот во Анкара, и во таа пригода се осврна на предизвиците и успесите на Туркије.
Зборувајќи за прашањето за снабдување со енергија, Ердоган порача дека Европа моментално се соочува со катастрофа кога станува збор за природниот гас, додека тоа не е случај во Туркије.
„Ја проширивме достапноста на природниот гас во 685 населени места, во 81 наша област. На нашите граѓани во наредниот период ќе им го понудиме природниот гас од Црното Море. Ќе работиме и на нови откритија и инвестиции сѐ додека целосно не ја елиминираме зависноста од странски енергенси“, рече Ердоган.
Додаде дека Туркије продолжува да пружа поддршка во вложувањата во индустријата и инфраструктурата.
„Го зголемивме бројот на деловни дејности во нашите организирани индустриски зони од 11.000 на 56.000, а бројот на работни места од 415.000 на 2,3 милиони“, нагласи Ердоган.
Тој се осврна и на успесите на Туркије во областа на одбранбената индустрија.
„Стекнавме глобална конкурентност во многу области, особено во секторот на одбранбената индустрија. Во наредниот период дополнително ќе ја зајакнеме нашата индустрија со средно и високотехнолошка ориентирана структура преку поттикнување на производството и извозот“, рече турскиот претседател.
Додаде дека Туркије продолжува со проекти во областа на одбранбената индустрија.
„Како што напредуваме во овие проекти, некои, однатре и однадвор, сѐ повеќе чувствуваат непријатност“, констатира Ердоган.
Тој рече дека нема никакви пречки Туркије да ги постигне своите цели.
„Заедно ќе сведочиме дека инфлацијата во наредните месеци ќе оди во надолен правец. Сакаме 2023 година, 100-годишнината на нашата Република, да биде меѓу останатите радости и пресвртници во нашето ослободување од несреќата - трошоците за живот“, рече Ердоган и додаде:
„Тоа можеме да го направиме само со силен, трпелив и достоинствен став што ќе го покажеме заедно со нашите работодавци, вработени, трговци, производители и потрошувачи, сите 85 милиони наши жители. Како Туркије, стигнавме до точка нашата земја да ја доведеме на нивото кое го заслужува во светот. Овој пат нема да дозволиме никој да ги спречи нашите соништа кои како нација моравме да ги одложиме поради државните удари, тероризмот и многу валкани игри.“
На крајот Ердоган рече дека верува оти Туркије оваа година ќе ја заврши со раст од 4 до 5 отсто.