Mehmet Tosun
17 Ноември 2022•Ажурирај: 18 Ноември 2022
БАЛИ (АА) - Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, говорејќи за средбата на руските и американските разузнавачки служби во Туркије, рече дека според информациите што ги има, страните се согласуваат дека нема да има никакви нуклеарни обиди, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган ги даде овие изјави пред турските новинари на индонезискиот остров Бали, каде што присуствуваше на Самитот на лидерите на Г-20 и во таа пригода зборуваше за актуелните прашања.
На самиот почеток се осврна на терористичкиот напад на ПКК во Истанбул, во кој во неделата загинаа 6 лица, а 81 беа повредени.
„Нема да дозволиме никакви провокации. Правиме и ќе направиме сѐ што е потребно“, рече Ердоган.
Тој говореше и за средбата на руската и американската разузнавачка служба во Туркије.
„Според информациите што ги добив, страните се согласни дека нема да има никакви нуклеарни обиди. Се обидуваме активно да ги следиме случувањата; Туркије сака да ги задржи САД и Русија во близок контакт и да им овозможи често да се среќаваат и да разговараат“, рече Ердоган.
На прашањето на новинарите за средбата на Ердоган со неговиот американски колега Џо Бајден, турскиот претседател рече дека Бајден ѝ се заблагодарил на Туркије за улогата што ја има околу коридорот за жито.
На дневен ред на средбата меѓу Ердоган и Бајден беше и старото прашање за набавка на авионите Ф-16, а според Ердоган, неговиот американски колега рекол дека на ова прашање ќе пристапи внимателно.
„Ќе ги продолжиме нашите разговори за ова прашање. Со внимателно следење на овој процес од страна на нашите министри за надворешни работи и министри за одбрана, се надевам дека во оваа пригода ќе успееме прашањето за Ф-16 да го решиме за кратко време“, рече Ердоган.
На прашањето за можно ревидирање на односите на Туркије со Египет и Сирија, Ердоган рече дека во политиката нема вечно замерување или лутење, односно дека кога ќе дојде време, се прават проценки и соодветно може да дојде до обновување на односите.
„Можно е ревидирање на односите со земјите со кои тие се проблематични. По јунските избори, можно е да се започне од почеток“, рече Ердоган.
Кога станува збор за енергетската криза, Ердоган рече дека Туркије е во добра ситуација на тој план и дека земјата нема да се соочи со енергетски проблеми, иако некои земји ѝ нудат поддршка.