Büşra Nur Çakmak
17 Ноември 2022•Ажурирај: 18 Ноември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Неколку дена пред неговото истекување, Договорот за транспорт на жито преку Црното Море е продолжен за уште 120 дена, соопшти денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Како резултат на четиринасочните преговори чиј домаќин беше Туркије, Договорот за коридорот за жито преку Црното Море е продолжен за 120 дена почнувајќи од 19 ноември 2022 година, во согласност со одлуката донесена меѓу Туркије, Обединетите нации (ОН), Руската Федерација и Украина“, напиша Реџеп Таип Ердоган на Твитер.
„Во изминатите четири месеци речиси 500 брода пренесоа над 11 милиони тони жито и прехранбени производи“, истакна Ердоган, и додаде дека ова покажува колку овој договор е важен за снабдувањето на светот и обезбеденоста со храна. Договорот требаше да истече оваа сабота.
Ердоган им се заблагодари на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Владимер Зеленски „за нивната волја да го продолжат договорот“ и им честита на сите што придонесоа.
На 22 јули, Туркије, ОН, Русија и Украина потпишаа договор во Истанбул за продолжување на извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, кој беше стопиран во февруари поради војната на Русија против Украина. Оттогаш договорот овозможува испорака на храна во светот.
Гутереш денеска го поздрави договорот постигнат од страните за продолжување на Иницијативата за транспорт на жито преку Црното Море.
„Го поздравувам договорот на сите страни за продолжување на Црноморската иницијатива за жито за олеснување на безбедно одвивање на извозот на жито, прехранбени производи и ѓубрива од Украина“, напиша Гутереш на Твитер.
„Иницијативата ја покажува важноста на дискретната дипломатија во изнаоѓањето мултилатерални решенија“, додаде тој.