Diyar Güldoğan
26 Ноември 2022•Ажурирај: 27 Ноември 2022
КОНИЈА (АА) - Туркије е одлучна да ги направи државата и нејзините граници безбедни преку операциите што ги спроведува против тероризмот, изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Со овие операции, чекор по чекор, одлучни сме да ја направиме секоја педа од нашата земја безбедна, почнувајќи од другата страна на границата“, рече Ердоган на настан во централната турска област Конија.
Изјавата на Ердоган уследи откако тројца турски војници загинаа во северен Ирак од вознемирувачки оган во зоната на операцијата „Канџа-катанец“, што Туркије ја започна во април против засолништата на терористичката организација ПКК во северните ирачки региони Метина, Зап и Авашин-Басјан близу турската граница.
Ердоган им изрази сочувство на ужалените семејства на војниците, на Турските вооружени сили и на нацијата.
Неодамна, Туркије ја започна операцијата „Канџа-меч“ во северен Ирак и Сирија, прекугранична воздушна кампања против терористичката организација ПКК/ЈПГ, која има засолништа близу ирачката и сириската граница со Туркије, од каде што планира и извршува напади на турска територија.
По започнувањето на воздушната операција на 20 ноември, турскиот претседател даде сигнали и за можна копнена операција во северен Ирак и северна Сирија со цел елиминирање на терористичките закани.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, којашто е ставена на листите на терористички организации од Туркије, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на над 40.000 луѓе, меѓу кои и жени и деца.