АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес упати порака пренесувајќи најдобри желби и предизвици на 75-годишнината од Обединетите нации, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ви упатувам, во мое лично име и во име на мојот народ, најтопли поздрави и почит. Годишнините се одбележувања, но и важна можност за правење преглед“, рече Ердоган во пораката објавена на англиски јазик.
Ердоган истакна дека 75-годишнината на Обединетите нации дава таква можност за целиот свет.
„Ние, како човештво, се соочуваме со многу важни предизвици кои влијаат на нашето здравје, економија, општествен мир и иднина, особено пандемијата на коронавирусот. Соочени сме со ситуација во која 170 милиони луѓе во светот имаат итна потреба од помош и заштита“, рече Ердоган.
Истакнувајќи дека бројот на луѓе во светот кои гладуваат надминува 820 милиони, додаде дека над 70 милиони луѓе мораа да ги напуштат своите домови поради конфликти и угнетувања.
„Пандемијата на Ковуд-19 уште повеќе ги продлабочи неправдите и нееднаквоста низ целиот свет“, додаде тој.
„Како најдарежлива земја во однос на помош, земајќи го предвид соодносот на износот на турската помош и нејзиниот БДП, се обидовме да ги ублажиме проблемите предизвикани од пандемијата со нашите расположливи средства“, рече Ердоган.
„Во овој процес, додека ги задоволувавме потребите на нашите сопствени граѓани, ние исто така испраќавме медицинска опрема и помош во 141 земја во светот, без осврнување на религијата, јазикот, расата или континентот“, додаде тој.
- Потребни реформи за ефикасни и праведни ОН -
Ердоган нагласи дека прекумерната алчност, егоизмот, монополизацијата на моќта и желбата за продолжување со колонијализмот, користејќи нови методи, е најголемата пречка за ширење на правдата во светот.
„Неуспехот да се постигне стабилност во различни делови на светот, особено во Сирија, Палестина, Јемен и Авганистан, е доказ за тоа. И покрај идеалите кои беа поставени, системот на Обединетите нации не може ниту да спречи избувнување на конфликти, ниту да стави крај на веќе започнатите“, рече тој.
Ердоган нагласи дека со цел зајакнување на системот на Обединетите нации, најпрвион треба да се реформира Советот за безбедност на ОН, со своите традиционални пет постојани членки.
„Совет со структура што ја остава судбината на 7 милијарди луѓе на милост и немилост на пет земји ниту е фер, ниту е одржлив.“
„Стана неопходност за човештвото архитектура на Советот која ќе е демократска, транспарентна, отчетна, ефективна и заснована на правична застапеност“, порача турскиот претседател.
Ердоган веќе долго време апелира за реформи на Советот за безбедност на ОН, користејќи го слоганот „Светот е поголем од пет“.
„Верувам дека зајакнувањето и обновата на Генералното собрание на Обединетите нации ќе придонесе кон изнаоѓање решенија за нашите проблеми“, додаде тој.
- Турција и ОН -
Формирањето центар на ОН во Истанбул, главниот трговски град на Турција и раскрсницата на континентите, исто така, ќе ги помогне напорите за глобален мир и стабилност, рече Ердоган.
Тој нагласи дека турскиот амбасадор во ОН, Волкан Бозкир, висок дипломат и политичар, кој претседава со моменталното 75. Генерално собрание на ОН, ѝ пружи можност на меѓународната заедница и дека претставува гордост за Турција.
„Би сакал да ви се заблагодарам за укажаното внимание кон Турција и во оваа пригода би сакал уште еднаш да нагласам дека ние ќе продолжиме да ја поддржуваме и да придонесуваме во работата на системот на Обединетите нации.
„Посакувам 75-годишнината на Обединетите нации да донесе благослов на светот и човештвото и ги поздравувам сите со почит“, заклучи Ердоган на крајот од своето обраќање.