Ertuğrul Subaşı
24 Март 2017•Ажурирај: 24 Март 2017
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, вчера изјави дека Турција по референдумот за уставните реформи ќе го преиспита договорот со ЕУ за сузбивање на илегалните миграции, јавува Anadolu Agency (AA).
„Како што реков и претходно, 16. април ќе одреди многу работи. Ќе седнеме и со Владата ќе разговараме за тоа од А до Ш. Сѐ ќе преиспитаме“, изјави Ердоган во интервју за „Си-ен-ен Турк“ и „Канал Д“.
Тој додаде дека официјалните претставници на ЕУ немаат право да ги одредуваат демократските права на турскиот народ.
„Комесарите на ЕУ и нивните други официјални претставници немаат право да одредуваат што се демократски права на турскиот народ. Овој народ права ќе ги одреди сопствените демократски во согласност со својата длабока свест“, изјави турскиот претседател.
Тој истакна дека ЕУ ја замајува Турција уште од 1963 година, кога Анкара поднесе барање за членство.
„Тоа е структура што нѐ замајува од 1963 година до денес. Оваа структура и понатаму нѐ замајува“, нагласи Ердоган.
Тој потсети дека во ЕУ претходно не се прифаќало Турција да учествува на самитот на лидерите на земјите, и додаде дека Турција веќе не е земја што ќе прифаќа такви ставови.
„Турција веќе не е земја што ќе прифати такви работи. Ако може – може, ако не може – не може. Но мораме конечно да сфатиме, тие мораат да сфатат, дека не е до нас. Проблемот е во потполност поради одредени земји на ЕУ. Бидејќи, меѓу земјите на ЕУ има и чесни и искрени“, изјави Ердоган.
Тој на крајот напомена дека Турција до 2023 година планира на 100-годишнинатa од Република Турција да го зголеми бруто домашниот производ по жител на 22.000 долари.
„Истовремено, имаме за цел да го зголемиме бруто националниот производ на два трилиони долари“, изјави Ердоган.