ИСТАНБУЛ (АА) – Турскиот државјанин Хусеин Курт беше гризнат од куче на холандската полиција, кога турските државјани се собраа пред турската амбасада во Ротердам за да ѝ дадат поддршка на турската министерка за семејни и социјални политики, Фатма Бетул Сајан. Курт има фрактура на вратниот прешлен и на половината, но неговото здравје сега е во рацете на турските доктори во неговата земја.
Курт синоќа беше пренесен во Турција од страна на Министерството за здравство, а неговото лечење започна во болницата за едукација и истражување „Фатих Султан Мехмет“.
По извршените испитувања и прегледи, беше утврдено дека тој има фрактура на вратниот прешлен и на половината. По настанот, кој се случи на 11. март во Холандија, во кој холандската полиција нападна и со пендреци, на Курт му беа извршени првични прегледи, по што беше на домашно лекување.
Меѓутоа, болките на Курт не стивнувале. Тој постојано имал болки во половината и во грбот, така што на петтиот ден по настанот, со негово настојување, направена му е рендген снимка, од којашто е утврдено дека има фрактура на вратниот прешлен. Фрактурата на половината не била утврдена во Холандија, а откако се остварени одредени средби, тој е донесен на лекување во Истанбул.
- „Многу нешта помисливме, многу нешта почувствувавме“
Курт даде изјава за АА, во која рече дека во Ротердам заминале информирајќи се од медиумите и оти претходно немале никакви инциденти. Тој пренесе дека по извесен период, холандската полиција интервенирала со пендреци и со полициски кучиња.
„Многу нешта помисливме, многу нешта почувствувавме. Се јавува момент кога престанува целата болка. Многу нешта почувствувавме, тага, радост, посебно. Поразлично чувство. Чувствувам тешкотии кога повторно ќе помислам на нападите на полицијата таму. Не сакам да мислам на тој момент. Меѓутоа, прекумерната сила што полицијата таму ја демонстрираше врз нас, беше неочекувана. Роден сум во Холандија, таму учам и работам. Никако не очекував ваков потег и ваква прекумерна сила од страна на холандската полиција“ , раскажува Курт.
„Да очекував вакво нешто, немаше да живеам таму заедно со моето семејство. Имам право да бидам таму, како и секој европски државјанин. Европа е демократски регион. Но, по овие случувања, во нашите умови секако се појавија прашалници. Мојата желба е веќе да не се случуваат вакви работи. На тамошните државјани, на Турците и Холанѓаните им посакувам спокој и среќа. Ние тоа го научивме од нашите семејства: да живееме во мир... Од нашата религија тоа го видовме и го научивме. Ние сме луѓе кои го сакаат мирот. Ние сме структура каде што можат заедно да живеат различни заедници. Никако не очекувавме да дојде до вакво нешто. За жал, се случи“.
Курт вели дека до болницата бил пренесен во бесвест и оти здравствениот персонал што бил таму не преземал ништо во врска со него. Тој додава дека и во болницата не добиле сериозно внимание, и оти дури пет дена по настанот, со негово настојување му бил снимен вратот, при што се утврдило дека има фрактура.
Курт истакнува дека е разочаран од оваа ситуација: „Со тоа лошо искуство се разнишува довербата. Да ги оставиме политиката, полицијата и другите работи настрана, но во здравството треба да се направат испитувања како на човек. Потоа дојде покана од нашиот генерален конзул и од Министерството за здравство на Турција, во која беше наведено: ’Ако е потребно, да ве земеме на испитување’. Во исто време, на моето семејство му се случи траума. На некој начин, ни дадоа мир, затоа што навистина многу ме умори постојаната мисла на тоа. Многу ме трауматизираше“.
Хусеин Курт рече дека откако стапнал на тлото во Истанбул, тука сѐ било поинаку.
„Се грижат за луѓето, има љубов и почит. Нека живее нашата држава, не создаде мака, ни обезбеди и билети. Нека ги благослови Бог сите вработени тука. Ни влеваат доверба. Да бидеш во рацете на турските доктори, по сѐ што пропатив... Моето лично мислење кога ќе направам споредба со таму и тука… Велат дека Европа е на многу високо технолошко ниво, може и така е, но љубовта овде ја надминува и нивната технологија. Фрактурата на вратниот прешлен што тие не успеаја да ми ја откријат, овде беше утврдена. Пластичниот хирург дојде и ме виде, вакво нешто во Холандија не можете да имате, невозможно е. Почувствував такво чувство, ова е многу важна тема, не постои веќе Турција што нашите татковци и дедовци ја напуштија. Нашите татковци дојдоа во Европа во ваква или онаква ситуација. Дали се работи за здравството или за економијата... Сега гледаме со наши очи дека Турција се развила. Нашите татковци се преселија во Европа, но моето лично мислење е дека Турција не е поназад од Европа, дури и видов дека е понапредна. Тоа го видов во овие два дена“.
- „Не беше човечен односот на полицаецот со кучето“
Курт пренесе дека по настанот, ниеден претставник од холандските власти не го посетил, не воспоставил комуникација, и оти само неговиот работодавач му се јавил за да му посака побрзо оздравување.
„Секако, треба да се сакаме како луѓе. Ние немаме ништо против Холанѓаните, затоа и живееме таму и продолжуваме да живееме. Срцево посакува насекаде во светот да владее мир, луѓето да не се однесуваат лошо еден кон друг. На пример, односот на полицаецот со кучето не беше хуман. Нека не доаѓаат дипломатските работи до овој степен. Луѓето нека живеат заедно, во мир, за која било држава да станува збор. Јас размислувам од човечки аспект и како муслиман, ова е моја должност. На крајот, јас се родив и пораснав во Холандија. Дојдовме овде и не можам да го опишам пречекот и комуникацијата од страна на луѓето...“, вели Курт.
- „Нашиот пациент ќе биде подобар во наредниот период“
Управителот на болницата за едукација и истражување „Фатих Султан Мехмет“, доц. д-р Ајтекин Кајмакчи пренесе дека по извесни испитувања на пациентот, му била направена терапија на раните од ногата, по што тој бил испратен дома, меѓутоа откако болките во вратот на Курт не стивнувале и со негово настојување, му биле извршени прегледи, кога е утврдена фрактурата. Кајмакчи забележа оти пациентот бил примен во болницата синоќа околу 19:00 часот, и дека на лицето имал исплашен и загрижен израз.
„Го примивме нашиот пациент во службата. Подоцна ги извршивме консултации со мозочен хирург, ортопед, пластичен хирург, на одделот за инфекциски заболувања, како и со ургентниот клинички центар. Како резултат на овие прегледи, беше утврдена фрактура на шестиот вратен прешлен на пациентот. Истовремено, беше утврдена друга фрактура на половината во р’бетната коска. Таа фрактура во Холандија не била утврдена. Таму била медицински занемарена. На пациентот му беа исчистени и раните на левата нога“, изјави Кајмакчи.
Тој посочи дека нема невролошка повреда на нерв во вратот и на половината кај пациентот и оти не е потребна хируршка интервенција.
„Но, ние практикуваме т.н. метод на конзервативна терапија. Нашиот пациент ќе биде подобар во наредниот период. Според предвидената терапија, господин Хусеин ќе го задржиме околу една недела“, истакна Кајмакчи.
Тој исто така нагласи дека овој процес значи навистина сериозна траума, и оти поради тоа на Курт ќе му биде обезбедена психолошка поддршка.
„Како болница, правиме и ќе направиме сѐ што е во наши раце, за на нашиот пациент да му се врати поранешната здравствена состојба“, рече Кајмакчи.
news_share_descriptionsubscription_contact
