Hatice Şenses Kurukız,Sefa Mutlu
18 Март 2018•Ажурирај: 19 Март 2018
ЧАНАККАЛЕ (АА) - Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган изјави дека отворањето на мостот „Чанаккале 1915“ е планирано за 18. март 2022 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Ердоган на церемонијата на започнувањето на подводните работи за изградбата на мостот, организирани на Галиполе, рече дека се планира работите околу изградбата да завршат до крајот на 2023 година, но дека би можело тоа да се случи многу порано.
Тој во своето обраќање рече дека со работата за јакнење на Турција и изградбата на голем број објекти и патишта, продолжува да се грижи за сѐ она за што се бореле загинатите херои и го оставиле во наследство.
Според зборовите на претседателот Ердоган, извозот на земјата, од 36 милијарди е зголемен на 160 милијарди.
„Со зголемување на националниот доход од 3.400 долари на 11.000 долари, Турција ја доведовме во топ 20 земји во светот. Денеска во транспортот, здравството, образувањето, одбранбената индустрија имаме Турција која не може да се спореди со онаа од пред 15 години“, додаде Ердоган.
Тој истакна дека денеска Турција самата произведува и извезува сопствено оружје, тенкови, хеликоптери, беспилотни летала...
Ердоган рече дека Турција сигурно чекори на патот за исполнување на поставените цели за 2023, 2053 и 2071 година.
Тој потсети на бројните мегапроекти реализирани последните години во Турција, меѓу кои се наоѓаат Мармарај, мостот Султан Селим, мостот Османгази, Евроазискиот тунел...
Осврнувајќи се и на операцијата „Маслинова гранка“ започната на 20 јануари, во регионот на Африн, турскиот претседател Еродган рече дека досега се неутрализирани 3.603 терористи.