Merve Berker,Zehra Nur Düz
22 Мај 2021•Ажурирај: 23 Мај 2021
ГУЗЕЛЈУРТ/АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, имаше обраќање преку видеоконференција на церемонијата на отворање тунел за наводнување кон Турската Република Северен Кипар (ТРСК), во кое се осврна на кипарското прашање, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ако треба да има нови преговори за Кипар, тие повеќе не треба да бидат меѓу две заедници, туку помеѓу две држави“, рече Ердоган.
Нагласувајќи дека пред започнувањето на новите преговори мора да се потврдат еднаквиот статус и суверената рамноправност на кипарските Турци, Ердоган истакна дека последните неформални преговори за Кипар одржани во Женева минатиот месец завршиле без напредок поради „непопустливиот став на грчката страна, одвоена од реалната состојба на островот“.
Турскиот претседател нагласи дека Турција испорачува годишно 75 милиони кубни метри вода до Турската Република Северен Кипар преку цевниот систем под морето, додавајќи дека Анкара е решителна да не го остави турски Кипар да зависи од други, и со своите проекти да го елиминира ризикот од недостиг на вода.
„Нашата цел е Турската Република Северен Кипар да се развива и да зајакне и кипарските Турци да имаат попросперитетна иднина“, додаде тој.
- Нов систем за иригација -
Говорејќи на церемонијата на отворање, турскиот потпретседател Фуат Октај истакна дека територијата на Турската Република Северен Кипар, која веќе долго време се соочува со недостиг на вода, ќе стане плодна со новиот систем за наводнување со прскалки и „капка по капка“.
Економската и соработката за развој помеѓу двете земји ќе придонесат за растот на суверената Турска Република Северен Кипар што самоуверено може да застане на свои нозе, рече турскиот потпретседател Октај.