ИСТАНБУЛ (АА) - Со присуство на претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган и голем број верници, со клањање на џума намаз денеска свечено беше отворена новоизградената џамија на истанбулскиот плоштад „Таксим“, јавува Агенција Анадолија (АА)
Ердоган по петочната молитва на церемонијата на отворање истакна дека џамијата веќе зазела истакнато место меѓу симболите на Истанбул.
„Џамијата на „Таксим“ е изградена по борбата од речиси еден и пол век. На ова место немаше ни месџид, не беше дозволено ни да се гради џамија, верниците беа принудени да ставаат весници и да ја извршуваат молитвата на места кои личеа на кокошарник“, изјави Ердоган.
Тој изрази надеж дека богатото духовно наследство ќе продолжи да ја осветлува турската метропола Истанбул во наредните векови.
„Верувам дека ова трето важно духовно наследство, Џамијата на „Таксим“, која ја изградивме во Истанбул, по завршувањето на Џамијата „Чамлиџа“ и повторното отворање на Џамијата „Аја Софија“ со векови како светилка ќе го осветлува нашиот град“, изјави Ердоган.
Тој потсети дека многумина на разни начини се обидувале да ги срушат заедништвото и слогата на турскиот народ.
„Оние кои не можеа да го срушат единството, солидарноста и братството на нашиот народ со сите видови лукавства, лаги и замки, ги избраа како цел и нашите џамии. Никогаш нема да им дозволиме на оние кои на различни начини се обидуваат, да го повторат предавството на ФЕТО под маската на вера и милосрдие“, изјави турскиот претседател, и додаде:
„Нема сомнение дека гласот кој одекнува пред Џамијата на „Таксим“ ги вознемирува империјалистите, промоторите на тероризмот и непријателите кои прават планови преку нашата држава.“
Тој порача дека секој пат одново ќе ги разочара сите оние кои се обидуваат да ѝ наштетат на Турција.
„Крајниот резултат на оние што се обидуваат да ја растурат нашата татковина, да ја ослабнат државата и да ја нарушат нејзината хармонија, која нашиот народ ја штитеше илјада години по цена на своите животи, повторно ќе биде само разочарување“, изјави Ердоган, и додаде дека Џамијата на „Таксим“ ќе биде еден од најважните центри за култура и уметност во Истанбул.
Хутбата на џума намазот, проповедта на петочните молитви на муслиманите, ја држеше претседателот на Управата за верски работи на Турција, Али Ербаш, а на молитвата во Џамијата на „Таксим“, освен претседателот Ердоган присуствуваа голем број турски министри и официјални претставници.
Станува збор за џамија чиј камен-темелник е положен на 17 февруари 2017 година, а нејзиниот проект на Босфорот го потпишаа архитектите Шефик Биркије и Селим Даламан.
Џамијата, која веќе стана симбол на плоштадот „Таксим“ е во непосредна близина на грчката православна црква, што ќе претставува посебна целина.
Комплексот на џамијата се наоѓа до самото плато на „Таксим“, а вклучува паркинг, конференциски и изложбени сали, како и дигитална исламска библиотека.
- Висината на минарето изнесува 61 метар -
Висината на џамијата е 21 метар. Главната купола, која има пречник од 28 метри, е висока 9 метри. Висината на двете минариња изнесува по 61 метар.
Калиграфските работи и украсувањето на џамијата се дело на уметниците Давут Бекташ и Адем Туран.
На централната купола испишани се стиховите (ајетите) од куранската сура „Фатиха“. Џамијата, исто така, ја красат и извадоци од куранските сури „Али Имран“, „Ал Бекара“, „Ел Хашр“, „Ел Ихлас“, „Ен Ниса“, „Ра'д“.
Во внатрешниот дел на џамијата, што е карактеристично за џамиите изградени во стилот на османлиската архитектура, на ѕидовите се наоѓаат шест калиграфски натписи. На предниот ѕид, Алах и Мухамед, а на страничните sидови имињата на четворицата праведни калифи: Ебу Бекр, Омер, Осман и Алија.
Во џамијата на „Таксим“ е поставен специјално ткаен тепих во боја на влакната на камила, направен во турскиот град Маниса.
Висината на михработ на џамијата е 8,5 метри. На површината на михработ се испишани убавите Божји имиња (Есма ул-Хусна), на средината „Нема друг бог освен Алах, Мухамед е Негов пратеник“ (Келиме-и Тевхид).
Минберот и местото за проповед се исто така посебно дизајнирани за оваа џамија, на нив се испишани убавите Алахови имиња.
- Џамијата има четири влеза -
Џамијата ја осветлува лустер со ширина од 12 метри и должина од 20 метри, со вкупно 60 светилки.
Главната влезна врата на џамијата, која има вкупно четири влеза, е изработена од челик. Главната врата е висока 7 метри, широка 3 метри и 10 сантиметри.
Комплексот на џамијата вклучува и трикатен паркинг со капацитет од 165 возила.
news_share_descriptionsubscription_contact
