Merve Gül Aydoğan Ağlarcı,Handan Kazancı
11 Март 2022•Ажурирај: 12 Март 2022
АНТАЛИЈА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган остро го критикуваше недостигот на реакција на Западот на илегалната анексија на Крим од Русија во 2014 година, додавајќи дека посилен одговор може да ја спречи тековната војна на Русија против Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган се обрати пред учесниците на Дипломатскиот форум во Анталија, кој се одржува во Конгресниот центар НЕСТ, а чиј глобален комуникациски партнер е АА. Тридневниот форум собра учесници од 75 земји, меѓу кои 17 шефови на држави и влади, 80 министри и 39 претставници на меѓународни организации.
„Фактот што вчера се одржа првиот контакт на високо ниво меѓу Русија и Украина, покажува дека Дипломатскиот форум во Анталија почна да ја остварува својата цел“, рече Ердоган.
Коментирајќи ја актуелната војна во Украина, Ердоган рече дека Украина е напуштена во нејзината праведна борба и додаде дека Турција ги отфрла сите напади врз суверенитетот и територијалниот интегритет на државите, но и се спротивставува на сите потези кои можат да ја засенат оправданата украинска борба.
„Доколку целиот Запад, целиот свет го кренеше својот глас против окупацијата на Крим во 2014 година, дали ќе се соочевме со сегашната ситуација?“, запраша Ердоган.
Тој изрази надеж дека умереноста и здравиот разум ќе надвладеат во регионот и дека ќе има затишје на оружјето што е можно поскоро.
Повторувајќи го својот повик за реформи во Советот за безбедност на ОН, Ердоган рече дека Советот е нерепрезентативен и застарен.
„Потребно е да се воспостави нова глобална безбедносна архитектура за да се заштити мирот, а не статус кво, и да му служи на целиот свет наместо на интересите на пет држави. Улогата на Советот за безбедност на ОН е потрошена, системот банкротира кога една од страните во конфликтот е постојана членка со право на вето“, рече Ердоган.
Турскиот претседател во оваа пригода ги отфрли и потезите на некои земји и организациите кои се насочени кон рускиот народ, уметност и книжевност.
„Фашистичките практики против руските граѓани и културата во западните земји никогаш не можат да бидат прифатливи“, нагласи Ердоган.
Тој повика на дипломатијата како основен инструмент за решавање на кризите во светот и предупреди на драматичните ситуации со кои се соочуваат луѓето низ светот. Ги повика сите релевантни адреси и јавноста да се запрашаат „дали сакаме да живееме во свет во кој гледаме застрашувачки и потресни сцени на деца и други бегалци кои се принудени да ги напуштат своите домови“.
„Ние ќе продолжиме да вложуваме максимални напори за да обезбедиме да преовладува мир во нашиот регион, вклучително и користењето на овластувањата кои Турција ги има според Конвенцијата од Монтре“, рече Ердоган.