Ali Kemal Akan
25 Март 2022•Ажурирај: 26 Март 2022
ТОКАТ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган порача дека ако Турција ја преброди 2023 година, чувајќи го своето единство и братство, никој нема да може да ја запре на ниту едно поле, вклучувајќи ја и економијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган денеска престојуваше во Токат, каде што присуствуваше на свеченото отворање на низа важни проекти кои се реализираат во тој турски град, а најважен од нив е новиот аеродром.
„Доколку Турција ја преброди 2023 година, чувајќи го своето единство и братство, со Алахова помош никој нема да може да нѐ спречи на ниту едно поле, вклучително и на полето на економијата“, им порача Ердоган на насобраните граѓани.
Тој додаде дека исто како што Турција ја надмина пандемијата на коронавирусот, така ќе го надмине и проблемот со трошоците за живот со кој се соочува поради растот на глобалните цени на енергијата и стоките.
„Како и секоја промена и секоја револуција, ја доживуваме болката од овој процес, но се надевам дека нè очекува просперитетна иднина која ќе вреди за сето наше жртвување“, нагласи турскиот претседател.
Новиот аеродром во Токат има зграда на терминалот со површина од 16.200 метри квадратни. Неговиот годишен капацитет е 2 милиони патници, а комплексот има и паркинг за 633 возила и писта со должина од 2.700 метри и ширина од 45 метри.