АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја истакна важноста на НАТО за безбедноста на Европа во услови на руската војна против Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
„НАТО е камен-темелникот на европската безбедност. Тоа го видовме многу јасно. Турција е незаменлив сојузник за осигурување на регионалната безбедност“, истакна Ердоган пред новинарите за време на неговиот повратен лет од Брисел, каде што присуствуваше на вонредниот Самит на НАТО.
„Турција ќе продолжи да игра важна улога во обликувањето на иднината на НАТО преку овие самити“, додаде Ердоган.
Нагласувајќи ги напорите за посредување на Турција, тој рече: „Турција направи големи напори од самиот почеток за ставање крај на војната во Украина.“
Додаде дека Самитот на НАТО бил плоден и успешен во секој поглед и ја поздрави одлуката на лидерите на НАТО за продолжување на мандатот на генералниот сектретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, за уште една година поради руската војна со Украина.
Вонредниот состанок на шефовите на држави и влади на НАТО се одржа вчера во Брисел, а на него се разговараше за одговорот на Алијансата на руската војна против Украина.
На состанокот беше оценет долгорочниот став на НАТО во Источна Европа, како и одговорот на НАТО во однос на руската војна против Украина, која вчера влезе во вториот месец.
Во врска со коментарите на францускиот претседател дека „НАТО има мозочна смрт“, Ердоган рече: „Тоа беше несреќна изјава. Претседателот [Емануел] Макрон е еден од најактивните лидери во НАТО.“
Ердоган истакна дека денеска ќе разговара со неговиот украински колега Владимир Зеленски и дека е можно да разговара со рускиот претседател Владимир Путин овој викенд во или почетокот на следната недела за оценка на резултатите од вчерашниот Самитот на НАТО.
„Во услови на војна, многу големи компании ја напуштаат Русија, а вратите на Турција се широко отворени“, истакна Ердоган.
Отфрлајќи ја загриженоста во однос на недостигот на храна поради војната, тој рече: „Ги преземаме сите мерки за обезбедување храна. Нема да има проблеми со пристапот до храна за време на светиот месец Рамазан.“
Русија започна војна во Украина на 24 февруари, предизвикувајќи гнев кај меѓународната заедница: ЕУ, САД и Велика Британија, меѓу останатите, имплементираа строги финансиски санкции кон Москва.
ОН велат дека досега во Украина загинале најмалку 1.035 цивили, а 1.650 се повредени, иако предупредуваат дека вистинската бројка е веројатно многу поголема.
„Над 3,7 милиони Украинци ја напуштија земјата и засолниште најдоа во соседните земји, а милиони се раселени внатре во земјата“, објави Агенцијата за бегалци на ОН.
- Разговори со САД за авионите Ф-16 -
Во врска со разговорите со САД за авионите Ф-16, турскиот претседател рече дека САД покажуваат позитивен пристап за модернизација на авионите и купување нови борбени авиони.
Ердоган истакна дека американскиот претседател Џо Бајден му кажал дека ќе го претстави својот позитивен став пред Конгресот за борбените авиони Ф-16 и дека ќе го следи ова прашање.
Турскиот претседател, исто така, го повтори ставот на Турција во однос на системите за противвоздушна одбрана С-400.
Тој упати критики на написот на американскиот весник „Волстрит журнал“ ( Wall Street Journal), во кој се предлага Турција да го испрати системот за противвоздушна одбрана С-400 во Украина и рече: „Директорот за комуникации, Фахретин Алтун, го даде потребниот одговор со сета чувствителност [на прашањето].“
Алтун во средата ги повика Западот и САД на Анкара да ѝ достават борбени авиони Ф-35 и ракетни батерии „Патриот“ без предуслови, нагласувајќи дека неформалните предлози нема да ги поправат односите.
Во мислењето објавено во „Волстрит журнал“, Алтун цитира напис објавен минатата недела во кој се сугерира употреба на ракетните системи С-400 против Русија во Украина, кои ги поседува Турција, што според написот, ќе доведе до подобрување на односите меѓу Вашингтон и Анкара.
„Оваа идеја е сосема нереалистична“, одговори Алтун на написот, велејќи: „Она што треба да го направи Западот е да ги испорача на Турција борбените авиони Ф-35 и батериите „Патриот“ без предуслови.“
Алтун истакна дека во сета американска оценка во однос на одлуката на Турција да го купи С-400 од Русија, се чини дека е испуштено дека Анкара прво се обрати до САД за набавка на системот „Патриот“. „САД, сепак, одбија да го продадат системот „Патриот““, потсети тој.
Во однос на билатералните односи со Израел, Ердоган рече дека е можно израелскиот премиер Нафтали Бенет да ја посети Турција, посета што може да го отвори патот за нов процес во билатералните односи.
„Соработката околу природниот гас може да биде клучен чекор во развојот на билатералните врски со Израел“, додаде турскиот претседател.
Претходно овој месец, израелскиот претседател Исак Херцог престојуваше во историска посета на Турција.
Посетата на Херцог, прва на израелски претседател во последните 14 години, се смета за исчекор кон подобрување на односите со Турција.