Sinan Uslu
11 Февруари 2017•Ажурирај: 11 Февруари 2017
АНКАРА (AA) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутерес денеска во Истанбул се согласија дека е неопходно да се направат нови чекори во борбата против тероризмот, јавува Anadolu Agency (AA).
Гласноговорникот на Кабинетот на турскиот претседател Ибрахим Калин, во соопштението во врска со денешниот состанок на Ердоган и Гутерес, наведе дека Гутерес му се заблагодари на Ердоган за гостопримството и грижата која Турција ја покажа кон сириските бегалци.
Гутерес во текот на состанокот порача дека Турција за ОН претставува многу важна земја и посебно ја нагласи важноста на улогата на оваа земја во проектот на Алијансата на цивилизацијата и другите активности.
Додаде дека Турција има клучна улога кога е во прашање решавањето на кризата во регионот, посебно во врска со преговорите во Астана и Женева кои се однесуваат на повторно воспоставување на мирот и стабилноста во Сирија.
Треба да работиме заедно на пронаоѓање на политичко решение, порача Гутерес.
Во текот на состанокот се разговараше и за борбата против тероризмот, а Ердоган и Гутерес се сложија дека на тој план е неопходно да се направат нови чекори.
Ердоган додаде дека ќе продолжи со пружање на поддршката во пронаоѓањето на праведно и долгорочно решение за кипарско прашање.
Ердоган и Гутерес исто така покажаа заеднички став кога станува збор за решавањето на палестинското прашање и тоа на начин на воспоставување на две држави.