Sinan Uslu
13 Април 2017•Ажурирај: 14 Април 2017
ОРДУ (AA) – Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, повтори дека нема да дозволи терористичките организации ПЈД и ЈПГ да формираат држава во близина на границата со неговата земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган имаше свое обраќање во Орду, на турскиот брег на Црното Море, на митинот за поддршка на референдумот за сетот уставни промени што во недела, на 16. април, ќе биде одржан во земјата.
Претседателот на Турција потсети дека пред две години, на отворањето на аеродромот „Орду-Гиресун“ имаше средба со локалното население. Тој истакна дека само минатата година, овој аеродром го користеле 780.000 луѓе. Исто така, Ердоган укажа на значењето на аеродромот за развојот на тешката и на прехранбената индустрија.
„Во последните две години се случија многу нешта во нашата држава. Се сеќавате на случувањата кога ниту една политичка партија не успеа на изборите на 7. јуни да го добие потребното мнозинство. Сепаратистичката терористичка организација го покажа своето крваво лице. ДЕАШ почна да се заканува на нашите граници“, рече Ердоган.
Тој потсети дека конечно власта беше воспоставена, но оти е платена голема цена за неизвесноста што траеше неколку месеци.
„Во терористичките напади што започнаа во тој период, до денес загубивме повеќе од 1.300 граѓани и припадници на безбедносните сили. Додека преминувавме важна делница на патот за поразување на терористичките организации, на 15 јули се соочивме со најголемото предавство во нашата историја. Во обидот за државен удар загубивме 249 браќа“, потсети Ердоган.
Тој истакна дека во борбата против тероризмот животот го загубија 17 војници и полицајци, по потекло од Орду. Исто така, двајца загинаа на 15. јули 2016 година, на денот кога воени лица лојални на терористичката организација ФЕТО се обидоа да изведат државен удар во Турција.
„Немојте никако да кажете 'што значи мојот глас'. Секој нека гласа во недела. Никој нека не го занемарува тоа“, рече Ердоган.
На жителите на Орду Ердоган им советуваше да разговараат со роднините, пријателите и со познаниците во другите градови и да ги прашаат дали гласале.
„Ќе му одговориме на Западот. Не заборавајте, една шајка потковицата, потковицата коњот, коњот командантот, а командантот државата може да ја спаси. Еден глас може да ја одреди иднината на земјата“, рече Ердоган.
Укажувајќи на борбата против тероризмот во Турција, Ердоган истакна дека за 20 месеци се неутрализирани околу 11.000 терористи.