Mümin Altaş,Aylin Dal
18 Март 2020•Ажурирај: 18 Март 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека исходот од борбата против ширењето на коронавирусот ќе биде поуспешен од очекуваното доколку биде добра информираноста на јавноста и доколку биде строга контролата на болеста, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Претседателската палата во Анкара денес се одржува состанок за борбата против ширењето на коронавирусот, на кој присуствуваат турскиот претседател Ердоган и сите членови на неговиот кабинет и претставниците на сите институции вклучени во борбата против потенцијално смртоносниот вирус.
Ердоган во обраќањето пред почетокот на состанокот изјави дека тоа е можност да се разгледаат наредните мерки што Турција ќе ги преземе.
„Доброволното или неопходното применување карантин ќе има повеќекратни последици, вклучително и сериозни последици по економијата. Турција води борба да не дозволи ескалација на епидемијата, но и да го одржи производството, трговијата, вработеноста и економијата“, изјави Ердоган и додаде дека Турција закрепна од ударот што пред две години го претрпе нејзината валута и од инфлацијата.
Истакнувајќи дека во екот на борбата не е лесно да се сочува економскиот поредок, Ердоган изјави дека во тој контекст низа обврски има државата, но и приватниот сектор.
„Се надевам дека денес на овој состанок заедно ќе го пронајдеме вистинскиот пат кон таа цел. Веќе сега можеме да видиме дека по успешниот излез од оваа ситуација нè чекаат значително подобри можности. Уверен сум дека овој процес ќе го надминеме успешно со работа, трпение и молитви“, изјави Ердоган.
Потсетувајќи дека Европа и остатокот на светот во екот на ширењето на коронавирусот во Кина биле принудени да трагаат по алтернативни произведувачи, Ердоган изјави дека токму Турција е земја која прва се наметнува како алтернативен произведувач.
„Секако дека е важно да не дозволиме вирусот да нè победи и со адекватни мерки да ги надминеме последиците во економска и психолошка смисла. Им верувам на луѓето што во Турција се надлежни за тоа и верувам дека ова успешно ќе го надминеме“, изјави Ердоган.
Тој, исто така, истакна дека вчера разговарал со германската канцеларка, Ангела Меркел, со францускиот претседател, Емануел Макрон, и со британскиот премиер, Борис Џонсон, и дека заедничкиот заклучок на состанокот бил дека Турција во моментот е во подобра позиција од тие земји.
Салата во која денес се одржува состанокот во комплексот на Претседателската палата во Анкара е дезинфицирана претходно, а учесниците се оддалечени на пропишаното растојание за да се намали здравствениот ризик на минимум.