Mustafa Çalkaya,Sevgi Ceren Gökkoyun
18 Март 2020•Ажурирај: 20 Март 2020
АНКАРА (АА) - Популацијата на постари лица во Турција во изминатите пет години се зголеми за 21,9 отсто и сочинува 9,1 отсто од вкупната популација во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Заводот за статистика на Република Турција објави статистички извештај за лицата постари од 65 години.
Во извештајот се наведува дека бројот на постари лица во Турција минатата година изнесувал 7.550.727, а во 2014 година во земјата имало 6.192.962 постари лица.
Моментално мажите сочинуваат 44,2 отсто, а жените 55,8 отсто од популацијата на постари лица во Турција.
Според проекциите на населението, во Турција уделот на стари лица во вкупното население ќе изнесува 10,2 отсто, а седум години подоцна 12,9 отсто. Со овој тренд, постарите лица во 2040 година би можеле да сочинуваат 16,3 отсто, а во 2060 година 22,6 отсто од турската популација. До 2080 година повеќе од четвртина од турската популација би можеле да бидат постари лица.
Во однос на другите категории, популацијата на постари лица во Турција во моментот расте побрзо. Тоа е дел од глобалните демографски трендови за раст на популацијата на постари лица, што доведува до пад на наталитетот и до продолжување на животниот век на луѓето поради подобрување на животниот стандард и развојот на здравствениот сектор. Така се бележи раст на популацијата на постарите, а пад на популацијата на помладите лица.
Иако Турција е една од земјите со млада популација, растот на старата популација е евидентно присутен.
Просечната возраст на населението во Турција во моментов е 32,4 години, а во 2014 година изнесувала 30,7 години. Според проекциите, просечната старост на турското население ќе го продолжи растот на трендот и во 2060 ќе изнесува 42,3, а во 2080 година ќе изнесува 45 години.
Просечниот животен век на луѓето во Турција е 78,3 години, со тоа што мажите во просек достигнуваат 75,6 години, а жените 81 година.
Постарата популација сочинува 9,3 отсто од вкупното население во светот. Земјата со најголем процент стари лица во вкупното население е Монако (34,1 отсто), по што следуваат Јапонија со 28,8 отсто и Германија со 22,7 отсто. Турција се наоѓа на 66-то место од вкупно 167 земји.