Enes Kaplan
24 Јули 2022•Ажурирај: 25 Јули 2022
АНКАРА (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека во последно време може да се види дека Грција намерно ги загрозува условите и одредбите од Мировниот договор од Лозана, особено правата на турското малцинство, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган упати порака по повод 99-годишнината од потпишувањето на Мировниот договор од Лозана, напоменувајќи дека станува збор за еден од темелните документи на Република Туркије.
„Со Мировниот договор од Лозана повлечени се нашите копнени граници, укинати капитулациите, се осигурија правата на турското малцинство што остана во Грција и потврден е демилитаризираниот статус на грчките острови покрај нашето крајбрежје“, потсети Ердоган.
Нагласи дека Туркије внимателно го следи имплементирањето на Мировниот договор од Лозана во 99-те години од неговото потпишување и додаде:
„Меѓутоа, во последно време видовме дека условите запишани во Договорот, особено правата на турското малцинство, Грција ги игнорира или намерно ги загрозува. Нашата држава не може да прифати ваква ситуација која е неспојлива со добрососедските односи и начелото на лојалност кон договорот. Нашата земја е одлучна да ги вложи сите напори за воспоставување траен мир и благосостојба во својата регија и да ги заштити правата на нашата сакана нација.“
Ердоган додаде дека „Туркије, додека се приближува до 2023 година, 100-годишнината од Договорот од Лозана и основањето на Република Туркије, ја зајакнува својата активна позиција во регионалните и глобалните прашања“.
„На 99-годишнината од Мировниот договор од Лозана, со милост се сеќавам на втемелувачот на нашата Република Гази Мустафа Кемал, на неговите соборци и нашите шехиди, им изразуваме почит и благодарност на нашите ветерани“, заклучи Ердоган.