Seda Sevencan
24 Мај 2022•Ажурирај: 25 Мај 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за него не постои по неговите критики на сметка на Турција по официјалната посета на Соединетите Американски Држави (САД), јавува Агенција Анадолија (АА).
„Се договоривме со грчкиот премиер да не вклучуваме трети земји во нашиот спор“, рече Ердоган по претседавањето со состанокот на Владата во главниот град Анкара.
„И покрај овој договор, минатата недела за време на официјалната посета на САД, премиерот зборуваше во Конгресот и ги повика да не продаваат борбени авиони Ф-16 на Турција“, додаде тој.
„САД најверојатно ќе се одлучат за Ф-16 без потреба да се консултираат со грчкиот премиер“, додаде Ердоган.
Тој исто така рече дека поради на коментарите на грчкиот лидер, Турција го откажува состанокот на Стратешкиот совет со Грција.
Коментарите на Мицотакис минатата недела пред американскиот Конгрес беа критикувани од Турција, кулминирајќи со изјавата на Ердоган дека премиерот „повеќе не постои“ за него.
- Јужната граница на Турција; вселенската програма -
Во однос на националната безбедност, Ердоган рече дека земјата ќе преземе чекори за комплетирање на остатокот од безбедносната зона од 30 километри долж нејзината јужна граница.
Турција се граничи со Сирија и Ирак на нејзиниот југ, и работеше на елиминирање на постоечките терористички бази и спречување на нови кои би ја загрозиле националната безбедност и безбедноста на локалното население преку нејзините граници.
Осврнувајќи се на вселенската програма на Турција, Ердоган изјави дека Турција официјално го започнала процесот на испраќање турски државјани на Меѓународната вселенска станица.
Во врска со руско-украинската војна, турскиот претседател рече дека Турција ѝ дала најзначајна, конкретна и најкорисна поддршка на Украина, и отворено го отфрли нападот врз територијалниот интегритет и суверените права.
„Ние храбро го изразивме овој наш став кон Русија и на секое ниво и платформа каде што сме во контакт со нив“, рече Ердоган.
Нагласи дека Турција направила најискрени напори прво да постигне прекин на огнот, а потоа да постигне траен мир во регионот преку одржување на политички и хуманитарни врски со Москва.
Во однос на одбивањето на Турција да ги одобри кандидатурите на Финска и Шведска за членство во НАТО, доколку земјите не заземат цврст став против тероризмот, Ердоган рече: „Доколку земјите што аплицираат за членство во НАТО погледнат во своето минато ќе видат дека и ние дадовме голем придонес за нив, против заканите кои произлегуваат од исток. Нашиот пристап кон проширувањето на НАТО не потекнува од фанатизам или непријателство, туку од нашиот принципиелен став во борбата против тероризмот.“
Ердоган истакна дека Анкара смета дека тековните антитурски пристап во Шведска и Финска е неприфатлив, нагласувајќи дека пред само неколку дена, терористичките организации ПКК/ЈПГ и ДХКП-Џ марширале по улиците на Стокхолм со постери на кои се прикажани нивните водачи.
„Финска и Шведска треба да направат избор помеѓу давање де факто и политичка поддршка на терористичките организации или да чекаат Турција да се согласи за нивното членство во НАТО“, рече тој.
Во период од над 35 години, ПКК, која е прогласена за терористичка организација во Турција, САД и Европската Унија, одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои има и жени, деца и стари лица.