Aysu Biçer
31 Декември 2021•Ажурирај: 02 Јануари 2022
АНКАРА
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, ги повика граѓаните своите резерви во злато да ги претворат во турски лири преку новите финансиски инструменти воведени за зајакнување на валутата, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Очекуваме нашите граѓани и деловниот свет да го поддржат овој историски исчекор на нашата земја, внесувајќи ја својата златна заштеда во финансискиот систем“, рече Ердоган во текот на обраќањето пред Генералното собрание на Здружението на бизнисмени „Анадолски лавови“ (АСКОН) во Истанбул.
Тој најави дека на трагата на новите финансиски инструменти, бизнисмените и граѓаните од почетокот на наредната година ќе го забрзаат враќањето на лирата во оптек и додаде дека така ќе се запре повлекувањето на заштедите од банките, и како што рече, „практиката на штедење под душек“.
„Нашата држава и народ ќе бидат посилни колку повеќе вратиме во нашата економија од 5.000 тони злато кое се држи под душек“, порача Ердоган.
Осврнувајќи се на неодамнешните осцилации на девизните курсеви, Ердоган рече дека се преземаат мерки за да се спречат ненадејните, остри и неразумни флуктуации.
Ердоган нагласи дека земјата нема проблеми со буџетот и дека Турција оваа година ја завршува со подобри резултати од предвидените.
Во средата Централната банка на Турција соопшти дека ќе даде стимулации за да ги охрабри граѓаните да преминат од депозит во злато на депозит во лири.
Тој потег е дел од тековните напори да се поддржи турската лира. Според аналитичарите, вкупниот износ на сметките со депозит во злато во моментот изнесува 270 милиони лири (22,4 милијарди долари), додека цифрата за сметки со рок на доспевање од три месеци, околу 15 милијарди лири (1,2 милијарди долари).