Турција

Ердоган: „Ги отфрламе сите напори дека прашањето за Ерусалим е завршена работа“

„Со политиката на уништување на една терористичка организација со рацете на друга ќе се добие само повеќе крв, повеќе окупација, повеќе угнетување и солзи“, рече Ердоган

Buket Güven  | 15.06.2019 - Обновена : 16.06.2019
Ердоган: „Ги отфрламе сите напори дека прашањето за Ерусалим е завршена работа“

ДУШАНБЕ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, се обрати на 5. Конференција за соработка и преземање мерки за градење доверба меѓу земјите од Азија, која се одржува во Душанбе, главниот град на Таџикистан. Во своето обраќање Ердоган истакна: „Ги отфрламе сите нови напори за создавање атмосфера дека прашањето за Ерусалим (Кудс) е завршена работа“, јавува Anadolu Agency (AA).

Обраќајќи се на 5. Самит на претседатели и премиери кои учествуваат на Конференцијата за соработка и преземање мерки за градење доверба меѓу земјите од Азија во Душанбе, претседателот Ердоган го истакна своето задоволство од учеството на Конференцијата.

Обраќајќи се со зборовите „Драг брате“ кон претседателот на Таџикистан, Имамали Рахман, Ердоган му честиташе за успешното претседателство и му се заблагодари за гостопримството, посакувајќи состанокот да биде од корист за регионот.

Ердоган рече дека Конференцијата се одржува во критичен период од аспект на настаните што се случуваат во регионот и во светот.

„Основата на Конференцијата за соработка и преземање мерки за градење доверба меѓу земјите од Азија е поставена по предлог на визијата на нашиот почитуван Нурсултан Назарбајев. Конференцијата, како резултат на нашите заеднички напори, прерасна во еден регионален форум со високо ниво на учество и богата содржина. Доказ за тоа е зголемувањето на бројот на членови“, рече претседателот Ердоган.

Во таа насока, претседателот Ердоган ѝ посака „Добре дојдовте“ на Шри Ланка, како 27. земја членка на Конференцијата. Истовремено, Ердоган го изрази своето сочувство до народот на Шри Ланка за загинатите во грозоморниот терористички акт што пред два месеца се случи во оваа земја и испрати порака за солидарност. Ердоган го изрази своето задоволство кон Лаос, земја која на Конференцијата учествува како набљудувач.

Истакнувајќи го своето убедување дека е потребно Турција да ја продлабочи својата соработка, Ердоган рече:

 „Во тој поглед, сметам дека е потребна изработка на студии за институционализирање на конференциските структури и спроведување активности за ширење на спроведената работа. Потребно е сите ние заедно повеќе да ѝ излеземе во пресрет на Конференцијата. Покрај финансиската поддршка, потребно е преземање мерки со конкретни мерки и активно учество за зголемување на довербата, со што ќе дојде до зголемување на учеството во Конференцијата. Со одредување конкретни цели врзани со датуми, ќе добиеме забрзување во активносите на тие полиња.“

- „Наместо ред, доминира хаос“

Истакнувајќи дека во светот, наместо ред, доминира хаос, турскиот претседател Ердоган го истакна следното:

„На просторите од регионите во околината, сведоци сме на граѓански војни, војни за власт и борба против тероризмот. Наспроти сите овие тестирања, Конференцијата за соработка и преземањето мерки за градење доверба меѓу земјите од Азија е платформа, благодарение на која можеме да преземеме заеднички чекори. Како Турција, посакуваме во нашата околина да владее мир, просперитет и стабилност. Правиме сѐ што е во наша моќ кај нашиот сосед Сирија да запре граѓанската војна и да се обезбеди стабилност. Во моментов сме домаќини на околу 4 милиони Сиријци во нашата земја. Против терористичките организации ДЕАШ и ПКК/ЈПГ, кои претставуваат закана за иднината на Сирија, спроведуваме операции преку границата, нанесувајќи им тешки загуби. Од окупацијата на терористичките организации ослободивме површина од над 4.000 километри квадратни. Обезбедивме 330.000 сириски мигранти да се вратат во своите огништа, во својата земја.“

Ердоган во своето обраќање се осврна и на една друга рана која крвари во регионот и потсетувајќи на состојбата во која се наоѓа Палестина.

 „Потребно е навистина со човечка гордост, окупацијата, суровоста и неправдата да се отстранат како судбина на Палестина. Ги отфрламе сите напори за тоа дека прашањето за Ерусалим е завршена работа. Ги покануваме сите земји врз основа на одлуката на Обединетите нации, да покажат почит кон историскиот и правниот статус на Ерусалим“, изјави турскиот претседател.

Во своето обраќање Ердоган рече дека ги поддржува сите напори за запирање на насилството и за спроведување мир во Авганистан, и додаде дека активностите во рамките на процесот „Истанбул - срцето на Азија“ ќе продолжат во таа насока.

Зборувајќи дека проблемот за Кашмир меѓу Пакистан и Индија треба да се реши со дијалог врз основа на одлуките на Обединетите нации, Ердоган истакна дека го поддржува решението кое би ги исполнило очекувањата на народот на Кашмир. Тој се осврна и на проблемите што ги преживува народот Рохинџа и додаде „Одблизу ја следиме ситуацијата во која се наоѓаат Рохинџите. Посакуваме оваа човечка драма да заврши што е можно побргу.“

- „Во светот, екстремизмот и тероризмот се во подем“

За насилствата предизвикани од екстремизмот и тероризмот кои се во подем на светско ниво, Ердоган истакна:

„Ние сме земја која веќе 35 години се бори против тероризмот и земја која е цел на различни терористички организации, од ДЕАШ, преку ПКК, ФЕТО до Ал Каеда. Досега десетици илјади наши граѓани беа жртва на терористички акт. Сакам да нагласам дека ниту еден акт на терор и насилство немаат оправдување. На тоа поле, многу е важно да се прикаже одлучен и јасен став. Со политиката на уништување на една терористичка организација со рацете на друга ќе се добие само повеќе крв, повеќе окупација, повеќе угнетување и солзи. За жал, територијата на Сирија е доказ за оваа горчлива вистина.“

Од друга страна, Ердоган рече дека се потребни конкретни чекори за обезбедување основа за стабилен и одржлив развој, и додаде дека во тие рамки, врз основа на еднаквоста, верува во придобивките на мултилатерални решенија.

„Во нашиот регион големо значење му се придава на развојот на коридорот на комбиниран транспорт. Ја поддржуваме реконструкцијата на модерниот Пат на свилата. Најконкретен пример за нашиот пристап кон сето тоа е Централниот коридор Исток-Запад, кој со транзитноста преку Каспиското Море, ги надминува Кавказот и Централна Азија и се протега до Кина“, изјави Ердоган.

Изјавувајќи дека не ги оправдува едностраните чекори и санкции кои ги поткопуваат регионалниот мир, стабилноста и економската соработка, Ердоган продолжи со зборовите: „Со овие мисли, посакувам овој самит да биде пресвртница на долгорочна солидарност меѓу нас.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.