Barış Gündoğan
05 Октомври 2017•Ажурирај: 06 Октомври 2017
АНКАРА (АА) – Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека нелегитимниот референдум организиран од страна на Регионалната курдска управа на северниот дел на Ирак е само почеток на настаните, и најави дека наскоро ќе биде затворен воздушниот простор и копнените граници во тој регион, јавува Anadolu Agency (AA).
На состанокот со претставниците на академската заедница од источните и југоисточните области во Турција, претседателот Ердоган рече дека Турција и нејзиниот регион минуваат низ критичен период.
„Се наоѓаме во период кога на маса се обидуваат повторно да ги прекројат картите. Како и во столетијата зад нас, и денеска на сила е паролата раскарај, па владеј, па дури и проголтај. Глобалните колонизаторски центри сакаат и во нашиот регион да ја применат тактиката која им е успешна на сите заземени места во минатото. Без сомнение, Турција е најголема пречка на тоа крваво сценарио во нашиот регион. За успех на тоа сценарио, потребно е Турција да биде ослабена, бидејќи силна Турција претставува пристаниште на спас и мир во регионот“, порача претседателот Ердоган.
- „Ова е свет во којшто оној што прави лошо го снаоѓа лошо“ -
Во своето обраќање, турскиот претседател потсети и на донесените судски одлуки за припадниците на ФЕТО кои учествуваа во крвавиот обид за државен удар во Турција, и истакна:
„Ова е свет во кој оној што прави лошо го снаоѓа лошо. Доколку не си искрен и не си чесен, ќе ја добиеш заслужената казна, доколку не на овој свет, тогаш со сигурност во светот на вечен живот. Овие не се ниту искрени, ниту чесни. Сакаа да ја парчосаат земјата и ги направија тие чекори со цел да ја поделат. Затоа ние ќе продолжиме со нашата борба до крај“.
- „Целта е опсада на Турција од јужната страна“ -
Ердоган нагласи дека Турција ќе ги расипе плановите на овие недобронамерни кругови во регионот, и истакна дека во Сирија и во Ирак постојат обиди да се наметне поделба на етничка и друга основа, сѐ со цел опсада на Турција од нејзината јужна страна.
„Не станува збор само за план на опсада на нашите граници, туку зборуваме за игра во којашто се сака да се вовлече и внатрешноста на Турција. Со Божја помош и отпорот на народот, ќе ги расипеме тие игри, баш како што тоа го правевме и претходно. Не се сомневам во тоа“, рече Ердоган.
- „Работата не е завршена, тукушто започна“ -
Осврнувајќи се на нелегитимниот референдум за независност, кој неодамна беше одржан од страна на Регионалната курдска управа на северниот дел на Ирак (IKBY), Ердоган рече дека тој акт бил причина и повод, а последиците од тој тек ќе следат.
„Тоа не е готова работа, тукушто започна. Од една страна е Иран, од север е Турција, од југ ирачката Влада, а од запад Сирија. Да видиме што сега ќе прави таа управа, каде и како ќе оди. Еве повелете, сега ќе бидат затворени и воздушниот простор и сите граници, па да видиме како ќе излегуваат и ќе влегуваат“, рече турскиот претседател.
Ердоган го обвини претседателот на Регионалната курдска управа на северниот дел на Ирак (IKBY), Месуд Барзани, дека со обидот да оствари некои детски соништа, во опасност го бутка целиот регион, и порача дека Турција тоа нема да го дозволи.
Тој истакна дека зад Барзани стои само Израел, но оти тоа не е пријател кој ќе остане крај него, и на крајот повторно ќе мора да се сврти кон Турција.
- „Нема да дозволиме на оваа земја да опстане ниту една организација“ -
Истакнувајќи дека Турција подеднакво се однесува кон сите терористички органиации, Ердоган рече:
„За нас, она што е ПКК, тоа е и ФЕТО. Она што за нас е ДЕАШ, тоа е и ДХКП-Џ и сличните организации. Во иднина, нема да дозволиме да опстане ниту една организација што сака да им наштети на нашата земја и на нашиот народ. Тоа значи дека никој во оваа земја кој директно или одоколу им дава поддршка на терористичкте организации, нема право да го јаде лебот на оваа земја, да ја пие водата или да има придобивка од можностите што таа ги дава“.