Emin Avundukluoğlu,Ahmet Sait Akçay
19 Октомври 2017•Ажурирај: 20 Октомври 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган во своето обраќање на затворањето на „TRT World Forum “, кој се одржува во Истанбул, истакна дека во денешниот свет нема правда, јавува Anadolu Agency (AA).
„За жал, нема правда во светот. Живееме во свет во кој, особено во економска смисла, оној кој е моќен се претставува како оној кој е во право. Ваквиот свет е неприфатлив“, изјави Ердоган.
Тој се осврна и на односите на Турција и САД, нагласувајќи дека доколу американскиот амбасадор во Анкара одлучува за стратешкото партнерство на земјите, таквото стратешко партнерство треба да се ревидира.
„Доколку еден амбасадор во еден параграф во име на САД може да каже дека се укинати визите на стратешкиот партнер, тогаш мое е да го ревидирам тоа стратешко партнерство“, изјави Ердоган.
Тој истакна и дека турските власти на Германија и проследиле 4.500 досиеја во врска со терористичката организација ПКК.
„Сите конечно треба да знаат некои работи. Внимавајте, ние на Германија во врска со ПКК и пративме 4.500 досиеја, но ниту за едно од нив не добивме повратна информација. Сите тие луѓе слободно се движат низ Европа, пред се Германија. А во документите на ЕУ, ПКК се смета за терористичка организација. Ако е терористичка организација, јас ви праќам досие за нив. Тоа се досиеја на нашата Национална разузнавачка агенција. Земете ги и постапувајте на основа на тоа. Но, не се прави очигледно така. Истата ситуација е и со терористичката организација ФЕТО“, изјави турскиот претседател.
Во обраќањето на присутните напомена и како одредени земји, кои себеси се сметаат за демократски, на турските власти им се обратиле дури седум дена по обидот за пуч во Турција на 15 јули 2016 година.
„Видоа дека пучот не успеа, па нè повикаа и божем ни посакаа брзо опоравување. Зарем е можно такво нешто? Искрено да ви кажам во 1999 година во Америка отиде човек кого го нарекуваат Фето, а на кого во Пенсилванија му доделија 400 дулуми земјиште, или му купија. Тој човек оттаму управува со 170 земји. Секако, тој човек тоа го прави симболично, а управуваат други“, изјави Ердоган.
На првиот „TRT World Forum“ кој се одржa на 18 и 19 октомври во Истанбул, приближно 400 политичари, бизнисмени, експерти, активисти и новинари од голем број земји, разговараа за најважните глобални прашања на денешницата.
Форумот во Истанбул се одржа под назив „Да се биде иснпирација за промена во периодот на неизвесноста“.
Учениците со излагањата и размена на идеи се обидоа да дадат придонес во пронаоѓање на решенија за актуелните политички, културни, економски и социјални проблеми.