АНКАРА
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека борбата против терористичката организација ФЕТО ќе биде една од главните теми на неговиот состанок со американскиот претседател, Доналд Трамп, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган денес патува во дводневна официјална посета на Соединетите Американски Држави (САД), а за новинарите на аеродромот „Есенбога“ во Анкара изјави дека Турција ќе продолжи да инсистира на тоа САД да го испорачаат водачот на терористите на ФЕТО, Фетула Ѓулен.
„Презедовме многу чекори и ќе продолжиме да работиме за испорачување на водачот на терористите од Пенсилванија. Одлучни сме да не попуштаме сè додека пучистите не бидат судски процесуирани“, порача Ердоган.
Ердоган изјави дека се согласува со Трамп во неопходноста за надминување на проблемите и интензивирање на турско-американските односи, без оглед на моменталните потешкотии.
„Документирано ќе им објасниме на САД дека Ферхат Абди Шахин е терорист и дека е погрешно да се одржува контакт со него. Борбата против тероризмот претставува приоритетна тема. Сакаме да започнеме нова ера на односи, кои се однесуваат на безбедноста на двете држави“, изјави Ердоган.
Истакнувајќи дека Русија и САД не успеале да го исчистат северниот дел на Сирија од терористите, Ердоган изјави дека за тоа ќе разговара со Трамп, а дека за истата тема ќе разговара и телефонски со рускиот колега Владимир Путин. Турскиот претседател им се обрати и на челнците на Европската Унија и им порача да не се закануваат многу со кипарското прашање, бидејќи тоа Турција не ја интересира многу и може својот пат да го продолжи самостојно.
„Ревидирајте го својот став за Турција во чии затвори има толку припадници на ДЕАШ и која има контрола во северниот дел на Сирија“, порача Ердоган и додаде дека Турција не е како другите држави со кои ЕУ преговарала и дека нема императив за останување на преговарачката маса.
Нагласувајќи дека Турција сака и понатаму искрено да соработува со Русија и САД на воспоставувањето безбедносна зона во северниот дел на Сирија, Ердоган изјави дека и членките на НАТО би требало да се позанимаваат со тоа прашање.
„За тоа ќе зборувам на самитот на лидерите кој во Лондон ќе се одржи на 3 и 4 декември. Ќе поставам директни прашања за тоа“, изјави Ердоган.
Турскиот претседател, исто така, изјави дека Турција ќе продолжи да ги депортира терористите на ДЕАШ во земјите од кои дошле.
„Нас не нè интересира дали тие таму ги примиле и дали ќе ги примат“, порача Ердоган.