ИСТАНБУЛ
Емине Ердоган, сопругата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, изјави дека негативните ефекти на климатските промени првенствено ќе ги погодат ранливите групи, односно жените, децата, лицата со инвалидитет и старите лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Емине Ердоган беше една од учесничките на панелот „Заедно за нашата планета: Подигање на африканските гласови во дебатата за климата“, организирана во рамките на 3. Самит на турско-африканско партнерство што се одржува во Истанбул.
„Последиците од климатските промени многу посериозно ќе се почувствуваат кај земјите во развој. Во врска со тоа, ги повикувам жените од сите сектори да делуваат. Искрено верувам дека жените ќе бидат активни актери на транзицијата на новите светски економски модели што ќе бидат еколошки прифатливи“, рече Емине Ердоган.
Таа истакна дека многу е важно да се слушне гласот што доаѓа од Африка во борбата против климатските промени, напоменувајќи дека климатските промени се еден од најголемите глобални проблеми на овој век и дека светот, од тој аспект, се наоѓа пред важна пресвртница.
„Не смееме да заборавиме дека секој чекор што ќе го преземеме или нема да го преземеме, ја обликува нашата иднина. Иднината им припаѓа на нашите деца, а токму децата се најпогодени од климатските промени, чии последици денес силно ги чувствуваме“, рече Емине Ердоган.
Предупреди дека околу 240 милиони деца се изложени на крајбрежни поплави, 400 милиони деца се изложени на урагани, 815 милиони деца се изложени на загадување со олово, 820 милиони деца се изложени на топлотни удари, 920 милиони деца се соочуваат со недостаток на вода, додека околу милијарда деца се соочуваат со сè повеќе загадениот воздух.
„Борбата против климатските промени може да биде поуспешна само доколку меѓународната заедница делува заедно на синхронизиран начин. Со други зборови, заедничката иднина на човештвото несомнено зависи од соработката на државите“, посочи Емине Ердоган.
Фатима Маада Био, сопругата на претседателот на Сиера Леоне, истакна дека последиците од климатските промени во Африка ќе се почувствуваат десеткратно повеќе отколку во остатокот од светот, додавајќи дека го гледаат тоа како еколошка криза, но и како закана што ќе доведе до намалување на населението.
„Африка не е причина за овие емисии и загадување, ние сме оние што ги трпат последиците од тоа. Некои други го предизвикуваат тоа, а ние сме погодени од негативните последици“, рече Био.
Комесарката на Африканската унија за земјоделие, рурален развој, сина економија и одржлива животна средина, Жозефа Леонел Кореја Сако, ја истакна важноста на учеството во сите чекори во рамките на националната програма за клима, ефектите на климатските промени и она што е потребно да се стори за да се спаси планетата.
Кореја Сако нагласи и дека егзистенцијата на луѓето зависи од климата.
„Потребна ни е вода. Планетата ни е потребна за да имаме храна. Мораме да ја заштитиме планетата за да би можеле да одиме на училиште. Во тој поглед, многу сум среќна што жените се во преден план. Затоа што жените можат да ги образуваат децата, можат да ја заштитат планетата и околината “, рече Кореја Сако.
На панелот присуствува сопругите на шефовите на држави и влади учесници на самитот, африкански студенти што студираат во Турција, шефови на африкански странски мисии и претставници на невладини организации.
На Самитот на турско-африканско партнерство што се одржува под слоганот „Унапредено партнерство за заеднички развој и просперитет“, присуствуваа повеќе од 100 министри на влади и 16 претседатели на африкански земји.
Се очекува 3. Самит на турско-африканско партнерство, што започна во четвртокот, да ги издигне односите меѓу Турција и африканскиот континент на уште повисоко ниво.
news_share_descriptionsubscription_contact
