Behçet Alkan
11 Февруари 2021•Ажурирај: 15 Февруари 2021
НЕВШЕХИР (АА) - БЕХЏЕТ АЛКАН -
Долината во форма на кањон опкружена со самовилски оџаци и природни карпести формации во областа Чат, во градот Невшехир, се подготвува да го добие својот удел во туризмот.
Општината Чат ги интензивира активностите за уредување на долината која по некое време ќе биде домаќин на туристи.
Долината Чат, која е оддалечена околу 20-ина километри од значајните центри за туризам во Кападокија, ќе стане едно од местата што го посетуваат локални и странски туристи во регионот, благодарение на своето историско, културно и природно богатство.

Градоначалникот на Чат, Ибрахим Ертурк, во разговор за Агенција Анадолија (АА), истакнувајќи дека областа со години не може да добие удел од туризмот, рече дека со проектите што ги подготвиле имаат за цел во пролетните месеци да бидат домаќини на туристите.
Нагласувајќи дека долината Чат е близу Кападокија, Ертурк рече дека нема да има проблеми со превозот на туристите кои ја посетиле Кападокија.
„Досега нашата долина не е откриена. Во следните месеци ќе започнат тури со балон на топол воздух во согласност со дозволата добиена од Генералниот директорат за цивилно воздухопловство. Има четири посебни патишта кои водат до долината. Тука ќе се организираат тури со теренски возила и коњи“, рече градоначалникот на Чат, Ибрахим Ертурк.
Истакнувајќи дека е успешно изведен тест-летот со балон на топол воздух, Ертурк рече дека започнале преговори со инвеститори кои сакаат да изградат сместувачки капацитети во областа.
Понатаму, градоначалникот на Чат наведе дека имаат за цел да спроведат различни проекти со започнувањето на туристичката сезона, при што рече:
„Долината Чат се карактеризира со три убавини. Во оваа долина, на исто место се собрани историски, културни и природни убавини. Во долината има повеќе од три илјади карпести гулабарници. Во минатото ѓубривото добиено од гулабарниците се користело за лозарството. Со интересните самовилски оџаци и зеленилото кое го поседува тврдиме дека е најубавата долина во Кападокија. Правиме напори да ја промовираме областа во секторот за туризам. Наша цел е да го активираме проект за зиплајн [жичница] во оваа долина во Кападокија. Има еден хотел, но откако се дозна дека ќе има тури со балони, дојдоа луѓе кои сакаат да инвестираат.“
- Луѓето во областа се возбудени зашто долината ќе се отвори за туризам
Ибрахим Ѓулсаран, еден од жителите на областа, истакнувајќи дека долината носи траги на живот од стотици години, рече дека поради тоа туристите ќе посветат големо внимание на областа.
Наведувајќи дека туризмот во градот ќе се рефлектира и во вработувањето, Ѓулсаран нагласи:
„Возбудени сме зашто регионот ќе се отвори за туризам. Порано работевме со лозарство, но тоа веќе не е толку популарно. Ова место е посоодветно за да биде туристички регион. Веруваме дека ќе биде подобро во следните години. Сега е во фаза на промовирање, но ова е убаво место кое треба да се види.“
Тахсин Топал рече дека долината има уникатен изглед, дека со години чекаат на туризам и дека конечно го дочекале тоа.