АНКАРА
Со присуство на околу 350.000 верници, со клањање на првата петочна молитва (џума-намаз) по 86 години, денес повторно за молитва е отворена истанбулската џамија Аја Софија. Имамите и муезините кои ќе служат во оваа џамија се наградувани на национални и меѓународни натпревари во областите на исламското право и убаво читање на Куранот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Откако Врховниот суд на Турција ја поништи одлуката на Советот на министри од 1934 година со која џамијата Аја Софија е претворена во музеј, Аја Софија повторно е отворена за молитва и премина под ингеренции на Управата за верски работи на Турција (Дијанет).
Дијанет именуваше тројца имами и пет муезини кои ќе ја извршуваат должноста во Аја Софија. Џамијата Аја Софија е во сигурни раце со оглед дека станува збор за искусни имами и муезини кои се наградувани на меѓународно ниво.
На местото на главниот имам е именуван проф. д-р Мехмет Бојнукалин, а ќе го придружуваат уште двајца имами Ферух Мустуер и Бунјамин Топчуоглу. Станува збор за имами кои освоија први места на светските натпревари во убаво читање на Куранот. Муезини на Аја Софија ќе бидат Мехмет Хади Дуран, Ибрахим Чобан, Шукру Асилерен, Алпчан Челик и Ридван Акбаш.
Главниот имам на Аја Софија, Мехмет Бојнукалин е професор на Факултетот за исламски науки на Универзитетот Мармара, Одсек за исламско право.
Бојнукалин е роден во 1971 година во Истанбул, дипломирал на Универзитетот Ал Азхар во Каиро, 1992 година. Откако во 1995 година го одбранил магистерскиот труд, Бојнукалин во 1999 година ја одбранил и докторска теза на тема „Потребата за обновување на фиксни методи и поврзани дискусии“. Тој работел на низа проекти од областа на тафсир, освен турски, зборува арапски и англиски јазик. Женет е и татко на четири деца.
Вториот имам на Аја Софија хафиз Ферух Мустуер е роден во Ќутахја во 1971 година, каде завршил основно и средно училиште и станал хафиз. Тој бил долгогодишен верски службеник во Австрија, во период од 2006 до 2010 година.
Факултет за исламски науки завршил на Универзитетот Анкара, а во 2013 година е поставен за имам на џамијата Јени во Истанбул. На светскиот натпревар за убаво читање на Куранот во 2015 година во Кувајт освоил прво место. Женет е и е татко на три деца.
Хафиз Бунјамин Топчуоглу, третиот имам на Аја Софија е роден во 1980 година во Ерзурум. На истанбулскиот универзитет завршил Факултет за исламски науки, а шест години ја извршувал должноста имам и хатиб на џамијата Фатиф во Истанбул.
Женет е и татко на три деца. Еднаш бил светски првак во убаво читање на Куранот и три пат првак на Турција.
Меѓу муезините на Аја Софија се Мехмет Хади Дуран и Ибрахим Чобан, долгогодишни муезини на Султанахмет (Сина) џамијата во Истанбул. Шукру Асилерен е долгогодишен муезин на џамијата Кадикој Селамичешме и освојувач на второ место на натпреварот во убаво читање на Куранот организиран на Турската радио-телевизија (TRT).
Алпчан Челик е долгогодишен имам и хатиб на џамијата Емирган и освојувач на прво место на светскиот натпревар во убаво читање на Куранот организирано во 2014 година. Петиот муезин на Аја Софија е Ридван Акбаш, долгогодишен муезин на Бејазит џамијата и освојувач на прво место на натпреварот во исламскиот повик за молитва организиран во 2015 годиан.
Аја Софија како црква служеше 916 години, до освојувањето на Истанбул, додека статусот на џамија го имаше од 1453 до 1934 година, година кога го доби статусот на музеј.
Турскиот суд на 10 јули ја понишни одлуката на некогашната Влада на таа земја со која на 24 ноември во 1934 година на Аја Софија и е доделен статус на музеј. Со тој чин на поништување на споменатата одлука, на Аја Софија и е вратен статусот на џамија.
Како една од најпосетените туристички дестинации во градот на Босфор, Аја Софија од 1985 година се наоѓа на листата на светско културно наследство на УНЕСКО.
Надлежните служби во текот на изминатите денови го уредија просторот внатре, но и на платоата околу Аја Софија.
Турските власти најавија дека ќе продолжат со зачувување на културните и историски вредности на Аја Софија на таков начин што Дирекцијата за верски работи на Турција ќе биде одговорна за верските церемонии, а Министерството за култура и туризам на таа земја ќе се грижи за реставрација, конзервација и заштита.
Туристите и понатаму ќе ја посетуваат Аја Софија и тоа бесплатно, а фреските на ѕидовите ќе бидат прекривани со завеси само за време на молитвите во џамијата.
news_share_descriptionsubscription_contact
