ИСТАНБУЛ
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека 350.000 лица учествувале во извршувањето на петочната молитва (џума намазот) на отворањето на Големата џамија „Аја Софија“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган заедно со лидерот на турската Партија за национално движење (MHP), Девлет Бахчели, го посети гробот на султан Мехмет Освојувачот.
Турскиот претседател во изјава за медиумите посака џамијата да продолжи секогаш да им служи на сите луѓе.
„Беше џамија, повторно стана џамија“, рече Ердоган.
„Покрај тоа, таа е место во кое луѓето од сите религии може да доаѓаат и да го посетат, како културно наследство на целото човештво“, додаде тој.
Ердоган истакна дека добил официјални информации дека 350.000 лица учествувале во извршувањето на петочната молитва.
„Нормално, тоа е резултат на многу важна љубов“, рече Ердоган.
Тој најави внатрешна и надворешна реставрација на џамијата од страна на Министерството за култура и туризам на оваа земја.
„Посакувам со оваа реставрација, Аја Софија да добие поразлична и позначајна структура“, додаде тој.
Меѓу другото, турските власти презедоа остри безбедносни и здравствени мерки по повод извршувањето на петочната молитва во Големата џамија „Аја Софија“ по 86 години.
Граѓаните поминаа низ 11 контролни точки за да им биде дозволено да влегуваат во зоната определена за молитвата.
По дезинфекцијата, надлежните споделија маски и сеџаде за една употреба.
Како дел од мерките кои имаат за цел спречување на ширењето на коронавирусот, молитвата се извршуваше во пет зони на отворено небо, односно три зони за мажи и две зони за жени.
Исто така, на контролните точки надлежните ја контролираа телесната температура на посетителите и носењето маски. На терен беа ангажирани 736 здравствени работници поставени на 17 локации, како и десетици амбулантни возила и еден амбулантен хеликоптер.