Elif Küçük,Başak Akbulut Yazar
24 Октомври 2021•Ажурирај: 26 Октомври 2021
ИСТАНБУЛ
Генералниот директор на Агенција Анадолија (АА), Сердар Караѓоз, изјави дека победата во Карабах не е само воена победа, туку огромна и темелна победа, која покажала колку комуникацијата е стратешки важна, известува Агенција Анадолија (АА).
Караѓоз се обрати на Медиумскиот форум на Турскиот совет на тема „Вкоренето минато, силна иднина“, што го организира Дирекцијата за комуникации на Претседателството на Турција, а зборуваше на панелот под наслов „Креирање иднина како турски свет“.
Караѓоз изјави дека Турците уште од 18 век се обидуваат да бидат обединети, дека понекогаш болката, а понекогаш победата ја соединува земјата, но отсекогаш ги соединувала заедничката борба.
Осврнувајќи се на последната војна во Карабах, Караѓоз подвлече дека Карабах не смее да се заборави.

„Значењето на Карабах не е само во воената победа, туку во огромната, темелна победа која нѐ поврзува сите. Ова е чекор кон воспоставување единство. Со победата во Карабах, нашите институции, медиуми, новински агенции, универзитети, интелектуалци, сите ние имавме задоволство да делуваме заедно и да оствариме победа. И тоа ќе ни отвори нова врата“, рече Караѓоз и продолжи со зборовите:
„Кога почна борбата за Карабах, траеше 44 дена, но кога ќе се земе предвид целиот процес до тие 44 дена, глобалниот свет никогаш не прифати и не допушти да се признае дека на Азербејџан му е нанесена неправда.“
Караѓоз наведе дека во западните и источните медиуми немало текстови, подолги анализи и дискурси за окупацијата на азербејџанските територии и дека со години се работело на атмосферата дека Азербејџан врши притисок на Ерменија.
„Инсистиравме медиумите во Турција, Азербејџан и турскиот свет, кои се сметаат за мали кога ја гледаме вкупната светска сцена, да зборуваат и да го користат терминот 'окупирано подрачје'“, истакна Караѓоз.
Потсетувајќи дека меѓународните канали на ТРТ и вестите што ги емитува АА почнале да му зборуваат на светот за ерменската агресија, Караѓоз рече дека е создадена основа овој агресивен став дефинитивно да добие одговор.
„Значаен дел од војната заврши на перцептивно ниво оној ден кога азербејџанската страна, во својата праведна војна, ѝ даде зелено светло на својата војска заедно со турската војска да се брани, бидејќи целиот свет ја прифати ерменската агресија. Потоа, со големо стратешко планирање, при што тука треба да ја реферираме работата на нашата Управа за комуникации, дојдоа новинари од странство. Новинарите од странство ја следеа оваа борба на подрачјето на Азербејџан. TRT World е распореден во Азербејџан со сите свои елементи. Агенција Анадолија е стационирана во Азербејџан со сите свои инструменти. Пренесени се илјадници вести во тие 44 дена.“

Истакнувајќи дека Ерменија има најголема дијаспора во светот, Караѓоз рече:
„Оваа дијаспора исто така е една од економски најмоќните дијаспори во светот. Седиштето ѝ е во Калифорнија, во самото седиште на културниот хегемон. Втората филијала е во Франција. Од овие два центри започна да се јавува отпор кон меѓународните медиуми, но ние на целиот свет на стратешки, плански и програмиран начин му објаснивме на која страна се наоѓа правдата и новинарите со свои очи видоа што се случува“, рече Караѓоз и додаде:
„Таму ги видоа угнетувањата што ги вршеше Ерменија. Го фотографираа прогонот во окупираните територии, како врз луѓето, така и врз историските градби, а на крајот од тие 44 дена, на денот на победата, во светот немаше забелешки и покрај моќното ерменско лоби. Победата е извојувана не само на теренот, туку и во комуникациите, а победата во оваа комуникација ни даде идеја на сите. Тоа исто така нè инспирираше. Посилни медиуми, поголем број стратешки медиуми.“
Караѓоз рече дека кога медиумите се користат стратешки, можат да се постигнат резултати, како што тоа е пример и во случајот на Џамал Кашоги и во победата во Карабах.
„Оваа победа во Карабах и приказната за Џамал Кашоги ни покажаа колку е комуникацијата стратешки важна. Во текот на годината, холивудската индустрија сними десетина филмови. Снимени се десетици серии. Пропаганда е вршена и преку музиката. Пред сѐ, Ерменија е една од групите кои најмногу во светот прикажуваат слика на виктимизација. Таа слика на жртва секогаш ги криеше и прикриваше нивните сурови постапки. Сѐ до победата во Карабах“, појасни Караѓоз.
Караѓоз изјави дека експертите во медиумскиот свет секогаш треба во центарот да ја стават комуникациската димензија на победата во Карабах и да истражат што уште може да се стори.
„Додека се бориме против дезинформации, за правата и правдата, видовме два најдобри примери на стратешката комуникација, како во Карабах, така и во случајот на Џамал Кашоги. Мислам дека овој успех што турскиот свет го постигна со победата во Карабах ќе отвори врата за нови победи и нови постигнувања во иднина“, порача Караѓоз.