Diyar Güldoğan
21 Јануари 2023•Ажурирај: 23 Јануари 2023
РАМШТАЈН (АА) - Анкара ја откажа претстојната посета на шведскиот министер за одбрана Пал Јонсон на Туркије поради дозволата на Шведска за планирано палење на Куранот во близина на турската Амбасада во Стокхолм, јавува Агенција Анадолија (АА).
„За жал сведоци сме дека не се преземени никакви мерки како резултат на овие гнасни и грозоморни дејствија против Туркије и нашиот претседател [Реџеп Таип Ердоган]. Затоа, во овој момент, посетата на шведскиот министер за одбрана Јонсон на Туркије на 27 јануари е бесмислена. Поради тоа ја откажавме посетата“, изјави турскиот министер за национална одбрана Хулуси Акар вчера за новинарите по состанокот на НАТО во воздухопловната база Рамштајн во Германија.
Потегот за откажување на посетата дојде откако Расмус Палудан, лидерот на данската екстремно десничарска партија Страм Курс (Цврста линија), доби дозвола да го запали Куранот денес пред турската Амбасада во Стокхолм.
Шведскиот министер за надворешни работи, Тобијас Билстром, рече дека е загрижен поради тоа што со демонстрацијата се ризикува дополнително одложување на ратификацијата на шведската кандидатура за Н АТО од страна на Туркије. Но, тој рече дека би било „многу несоодветно“ да повика да не му се дозволи на одредено лице да изведе демонстрација.
Акар истакна дека е неприфатливо да се молчи за инцидентот, и додаде: „Беше неопходно да се преземе акција и да се преземат мерки на претпазливост.“
Истакнувајќи ја поддршката на Туркије за политиката на отворени врати на НАТО, Акар додаде: „Сè што сакаме е исполнување на обврските од овој меморандум. Очекуваме Шведска и Финска да го направат својот дел, својата домашна задача.“