Diyar Güldoğan
19 Август 2022•Ажурирај: 22 Август 2022
АНКАРА (АА) - Фахретин Алтун, шеф на Одделот за комуникации при турското Претседателство, денеска изјави дека Туркије, Украина и ОН одржале разговори за унапредување на каузата за мир, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Претседателот Реџеп Таип Ердоган разговараше со [украинскиот] претседател Владимир Зеленски во Украина, заедно со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, за да ја унапреди каузата за мир. Тој уште еднаш ја повтори долготрајната поддршка на Туркије за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“, изјави Алтун на Твитер.
Ердоган, Зеленски и Гутереш се собраа во украинскиот град Лавов за да разговараат за чекорите за ставање крај на војната меѓу Украина и Русија преку дипломатски средства и одржување на механизмот што неодамна беше воспоставен за извоз на украинското жито на светските пазари.
Алтун рече дека Ердоган е на чело на дипломатските напори да посредува за прекин на огнот и да ги олесни мировните разговори меѓу Русија и Украина.
Тој додаде дека Туркије можела да донесе делегации од Русија и Украина за првпат во Истанбул во март, а Истанбулскиот договор за извоз на жито е важен чекор, бидејќи го намалува притисокот врз глобалниот синџир на снабдување со храна.
Туркије, ОН, Русија и Украина потпишаа договор во Истанбул на 22 јули за повторно отворање на три украински пристаништа на Црното Море за извоз на украинското жито заглавено поради војната, која трае веќе шест месеци.
„За да помогне во олеснувањето на дијалогот и дипломатските решенија, Туркије работи и со Русија и со Украина, истовремено ангажирајќи ги и Обединетите нации. Земјите кои ја поддржуваат Украина мора да трошат повеќе енергија на дипломатијата за да се стави крај на војната што е можно поскоро“, рече Алтун.
Тој истакна дека конфликтот треба да заврши преку дипломатски преговори, велејќи: „Нашиот претседател Ердоган е постојано ангажиран од почетокот на конфликтот и неговите напори веќе дадоа сериозни резултати.“
„Посетата на претседателот Ердоган на Украина беше доказ за неговата верба во дипломатските решенија постигнати преку ангажман со релевантните лидери и мултилатерализмот на меѓународната сцена. Меѓународната заедница мора да ги поддржи овие напори за постигнување мир и стабилност.“