Güç Gönel,Berk Özkan
14 Август 2020•Ажурирај: 15 Август 2020
ИСТАНБУЛ
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска во Истанбул изјави дека Турција ни најмал напад на нејзините цивилни бродови во Источниот Медитеран нема да го остави невозвратен, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган, денеска во Истанбул, по извршувањето на петочната молитва (џума намаз) одговараше на прашањата на новинарите за актуелните случувања, меѓу останатото и за напнатоста во Источниот Медитеран.
На прашањето за вознемирување на турскиот брод „Оруч Реис“ од грчката фрегата на источниот дел на Медитеранот, Ердоган изјави дека случувањата во Источниот Медитеран се проблематични.
„Ни најмал напад на нашите цивилни бродови [во Источниот Медитеран] нема да го оставиме невозвратен. Токму тоа вчера се случи и „Кемал Реис“ на тоа даде адекватен одговор. Оние се повлекоа во своето пристаниште. Доколку се продолжи со ова, повторно ќе добиеме адекватен одговор. Не е можно да се остане без одговор“, изјави Ердоган.
Тој потсети дека Турција има најширок крајбрежен појас кон Медитеранот, за разлика од некои други земји.
„Активностите на „Оруч Реис“ ќе бидат продолжени до 23 август“, изјави Ердоган, потсетувајќи дека вчера за оваа тема разговарал и со германската канцеларка Ангела Меркел.
Тој изјави дека германската канцеларка Меркел потоа разговарала и со грчкиот премиер Кириакос Мицотакис.
„Доколку Мицотакис во таа смисла не го почитува меѓународното право, а како што знаете, во западна Тракија со оружје ги изрешетаа гробовите на нашите браќа, ги запалија гробиштата. Ова не се ни малку добри сигнали. Ние нашите браќа не ги оставаме сами, ни живи ни мртви. Кога ќе дојде време, ќе го направиме она што треба да се направи. Тоа јасно го порачувам“, рече Ердоган