Rabia İclal Turan
23 Јули 2022•Ажурирај: 27 Јули 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, го поздрави договорот потпишан вчера во Истанбул, со кој се овозможува безбеден премин на житото и храната низ трите украински црноморски пристаништа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во присуство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и генералниот секретар Антонио Гутереш, вчера во Истанбул беше потпишан документ за извоз на украинско жито меѓу Украина, Русија, Туркије и ОН.
Владимир Зеленски во видеообраќање до нацијата рече дека е благодарен на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, и на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, за нивните напори за постигнување на договорот.
„Ќе бидат извезени околу 20 милиони тони од минатогодишниот род на житарки. А исто така ќе биде можно да се продаде и овогодишната жетва, а таа веќе се жнее. Тоа се приходи за земјоделците, целокупниот земјоделски сектор и државниот буџет“, рече Зеленски.
Додаде дека Украина поседува жито во вредност од околу 10 милијарди долари.
Поздравувајќи го значајниот договор постигнат со посредство на Туркије и Обединетите нации (ОН), Зеленски рече дека тоа е шанса да се намали глобалната криза со храна.
Нагласи дека сè во територијалните води на Украина ќе биде под контрола на државата, истакнувајќи дека договорот „во целост ги исполнува“ интересите на Украина.
„Русија би можела да се вклучи во провокации, да се обиде да ги дискредитира украинските и меѓународните напори. Но, ние им веруваме на Обединетите нации. Сега нивна одговорност и одговорност на меѓународните партнери е да обезбедат почитување на договорот“, додаде Зеленски.