Esin Işık
24 Јуни 2020•Ажурирај: 26 Јуни 2020
АНКАРА (АА) – Шефот на Канцеларијата за комуникации при Претседателството на Република Турција, Фахретин Алтун, истакна дека остранувањето на натписот на Турската агенција за координација и развој (ТИКА) од страна на израелската полиција во Ерусалим е манифестација на длабокиот гнев кон турското знаме, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во објавата преку својот профил на Твитер, Алтун нагласи:
„Отстранувањето на натписот на Турската агенција за координација и развој (ТИКА) од гробиштата во Јусифије во Ерусалим, од страна на израелската полиција е манифестација на длабокиот гнев кон нашето знаме со ѕвезда и месечина, која преставува засолниште на сите угнетени ширум светот. Причината за оваа нетолеранција е добро позната.“
Станува збор за натписи на кои се наоѓа знамето на Република Турција, поставени на ѕидовите од гробиштата откако ТИКА го финансираше обновувањето со дозвола на Управата на вакуфи во Ерусалим и на израелската власт.
Мајк Росенфелд, портпаролот на израелската полиција, за АА изјави дека наредбата за отстранување на натписите на ТИКА вчера ја издала израелската Општина Ерусалим и дека израелската полиција го спровела тоа што било барано од неа.
Официјалните лица на Општина Ерусалим изјавија дека споменатите табли се демонтирани со објаснување дека се поставени без одобрение.
Сепак, Управата за вакуфи на Ерусалим е надлежна за управување со сите исламски објекти, вклучувајќи ги и гробиштата во Источен Ерусалим.
Таблите на ТИКА, што израелската полиција утрово ги отстрани, се наоѓаа на гробиштата од 2010 година.