Diyar Güldoğan
20 Ноември 2022•Ажурирај: 20 Ноември 2022
АНКАРА (АА) - Туркије успешно уништи засолништа на терористите за време на новата воздушна операција во северните региони на Ирак и Сирија, изјави денес министерот за одбрана на Туркије, Хулуси Акар, известува Агенција Анадолија (АА).
„Успешно се уништени засолништа, бункери, пештери, тунели и магацини на терористите. Внимателно ги следевме. Погодени се и уништени и т.н. штабови на терористичката организација“, изјави Акар во обраќањето во Оперативниот центар од главниот град Анкара.
Неговата изјава следуваше откако Туркије ова утро изведе нова погранична операција „Канџа-меч“ против терористичката организација ПКК/КЏК/ЈПГ во северниот дел на Ирак и северна Сирија.

Министерството за одбрана на Туркије информираше дека операцијата е изведена во согласност со правото на самоодбрана, што произлегува од членот 51 на Повелбата на Обединетите нации.
„Цел беа само терористите и нивните засолништа... Канџата на нашите Турски вооружени сили повторно ги погоди терористите“, рече Акар.
Тој додаде дека Туркије ќе продолжи да ги повикува на одговорност оние кои ја напаѓаат нејзината безбедност.
Операцијата следуваше по терористичкиот напад минатата недела на преполната улица Истиклал во Истанбул, во кој животот го загубија најмалку шест лица, а 81 се повредени. Турските власти соопштија дека нападот го извела терористичката организација ПКК/ЈПГ.
„Наша цел е да им пружиме безбедност на нашите 85 милиони граѓани и на нашите граници, и да одговориме на секој предавнички напад кон нашата држава“, нагласи министерот Акар.
ПКК е сепаратистичка организација што се наоѓа на листата на терористички организации во Туркије, Европската Унија и во САД. Во текот на повеќедецениската терористичка кампања против Туркије, терористите на ПКК убија над 40.000 луѓе. Терористичката организација ЈПГ е сириски огранок на ПКК.