Burcu Çalık
12 Октомври 2018•Ажурирај: 13 Октомври 2018
ИСПАРТА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес во турскиот град Испарта изјави дека шпекулативните напади врз турската економија не можат да го променат фактот дека неговата земја е 13. во светот по паритетот на куповна моќ, како и дека е 17. земја во светот по националниот приход, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган зборуваше на церемонијата на доделувањето сертификати на лицата кои тргнале на обука за специјалци во турскиот град Испарта, а во оваа пригода се осврна на актуелните случувања.
„Турската славна војска се исчисти од предавниците во своите редови и оди од победа во победа“, изјави Ердоган, и додаде: „Наскоро, ако даде Господ, ќе ги уништиме терористичките гнезда и источно од Еуфрат (во Сирија).“
Турскиот претседател нагласи дека турската војска во земјата задава удари на припадниците на терористичка организација со какви што во историјата се немаат соочено.
Тој зборуваше и за актуелните случувања во економијата.
„Тоа што во последно време сме соочени со одредени шпекулативни напади на полето економија, не може да го промени фактот дека сме 13. земја во светот по паритетот на куповна моќ, како ни фактот дека сме 17. земја во светот во однос на националниот приход“, изјави Ердоган.
Ердоган, меѓу останатото, порача дека на оние кои наведувајќи многу смешни причини не ги исполнуваат ветувањата кои ги дале на неговата земја, ќе им покаже дека тие во тоа се најголеми губитници.
„На оние кои преку многу смешни причини не ги исполнуваат ветувањата дадени на нашата земја, на оние кои со многу смешни причини се обидуваат да ни воведат санкции, ќе им покажеме дека тие во тоа се најголеми губитници“, порача Ердоган.