Ekipa
19 Октомври 2017•Ажурирај: 20 Октомври 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Турција сака да ја зајакне трговијата во енергетиката и соработката во борбата против глобалните предизвици меѓу земјите од Д-8, изјави денес министерот за надворешни работи на земјата, Мевлут Чавушоглу, јавува Anadolu Agency (AA).
Во обраќањето на 17. седница на Советот на Д-8 во Истанбул Чавушоглу рече: „Ние можеме да ја развиваме трговијата во енергетиката меѓу земјите од Д-8. Целосно можеме да реализираме заеднички инвестиции во енергетиката“.
„На полињата како што се истражување на јаглеводородите и на производните активности, би можеле да создаваме заеднички проекти“, рече тој.
Турција планира да се фокусира на одржливиот развој за време на претстојното претседателство со Д-8, изјави Чавушоглу. „Енергетиката е особено на врвот на полињата на кои можеме да соработуваме“.
Турција ќе ја преземе функцијата од Пакистан в петок, на денот на одбележувањето на 20-годишнината од меѓународната организација.
На меѓународниот самит, на темата „Проширување на можностите преку соработка“, ќе присуствуават нигерискиот претседател Мухамаду Бухари и азербејџанскиот лидер Илхам Алијев.
На самитот, исто така, ќе присуствуваат и пакистанскиот премиер Шахид Хакан Абаси, првиот заменик-претседател на Иран, Ешак Џахангири и заменик-претседателот на Индонезија, Јусуф Кала.
- Глобални предизвици -
Осврнувајќи се на глобалните предизвици, од сиромаштија до расизам, од масовни миграции до суша во целиот свет, Чавушоглу изјави: „Многу кризи, од Сирија до Јемен, од Ирак до Авганистан, од Палестина до Мјанмар, се случуваат во близина на земјите од Д-8“.
„Ние, како земји на Д-8, мораме да соработуваме многу ефективно против сите овие закани“.
„За време на нашето претседателствување со Д-8, ќе вложиме напори да ја направиме нашата организација поефективна и попродуктивна“, рече Чавушоглу, повикувајќи на поддршка од земјите-членки.
Пакистанскиот министер за надворешни работи, Хаваџа Мухамед Асиф изјави дека неговата земја претседавала од 2012 година, во поголем период од оној што е предвиден, на две години.
Министерот изјави дека Пакистан успешно се справил со претседателствувањето и работел на тоа да ја направи организацијата забележителна за време на неговото претседателство.
Тој изјави дека темата на самитот е многу погодна: „Ги одразува целите на економската организација“.
Министерот изјави дека Д-8 влегува во нова фаза и сите земји-членки треба да бидат многу порешителни во постигнувањето на целите во големите области на соработка – индустријата, земјоделството, безбедноста на храната, енергијата, трговијата, транспортот и туризмот.
„Пакистан е целосно свесен за потенцијалот на организацијата и е подготвен да даде целосна поддршка и да соработува“.
Организацијата Д-8 е основана во 1997 година, од страна на тогашниот турски премиер Неџметин Ербакан, преку Истанбулската декларација за Самитот на шефови на држави.
Формирана како економска алијанса, телото го сочинуваат Бангладеш, Египет, Индонезија, Иран, Малезија, Нигерија, Пакистан и Турција.