Kemal Karadağ
30 Јануари 2017•Ажурирај: 31 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Министерството за правда на Република Турција достави нови докази до надлежните институции на САД во врска со претходното барање за испорачување на Фетула Ѓулен, водачот на терористичката организација ФЕТО којашто е одговорна за неуспешниот јулски обид за воен удар во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Станува збор за нови доказни материјали и документи коишто се собрани во рамките на истрагите што се водат за обидот за воен удар во Турција, а тие докази се доставени како додаток на претходниот доказен материјал што Турција го достави до САД во прилог на барањето за испорачување на Ѓулен.
Меѓу новите докази што се доставени до властите на САД се и деталите за посетата и престојувањето на Адил Оксуз во САД, која ја реализираше пред обидот за пуч во Турција, а станува збор за бегалец кој се сметаше за „имам на ФЕТО“, задолжен за активностите на припадниците на таа организација кои се инфилтрирани во воздушните сили на турската војска. Во посетата тој беше придружба на Кемал Батмаз, кој се наоѓа во притвор поради обвинение за учество и обид за воен удар на 15 јули во Турција.
На властите на САД им е доставено и обвинението што турското обвинителство го подигна пред Кривичниот суд во Измир, а кое за обидот на пуч товари вкупно 270 осомничени, меѓу кои и првообвинетиот Ѓулен.
Во обвинението се наведува дека пребегнатиот Оксуз по кој трагаат турските органи, за време посетата на САД добил одобрување од Ѓулен за планот за изведување на воениот удар, со цел да се сруши уставниот поредок и да се собори демократски избраната власт во Турција.
На властите на САД им се доставени и изкази од заштитените сведоци покајници со псевдонимот Кузгун и Шапка, кои ги појаснија деталите за тоа како Ѓулен директно дал наредба за изведување на воениот удар во Турција.
Терористичката организација ФЕТО на 15 јули минатата година го изврши неуспешниот обид за воен удар во Турција со посредство на инфилтрирани поданици во турските безбедносни сили и во другите државни институции на таа земја. Четири дена по обидот, Анкара на Вашингтон му испрати четири одвоени досиеја, со барање за испорака на водачот на таа терористичка организација, Ѓулен, кој живее во Пенсилванија. Во септември, Турција достави до САД и барање за привремено апсење на Ѓулен поради основан сомнеж за организирање воен удар во Турција.
Делегацијата на Министерството за правда на САД во август ја посети Анкара, а во таа пригода е информирана за деталите за неуспешниот обид за пуч и поврзаност на организацијата ФЕТО со тој случај.
Од друга страна, предводена од министерот Бекир Боздаг, делeгацијата на турското Министерство за правда во октомври го посети Вашингтон и ги информираше надлежните американски официјални лица за процесот на истрагите што се водат во Турција.
Турскиот министер Боздаг најави дека турската делегација повторно ќе го посети Вашингтон откако функцијата министер за правда на САД ќе ја преземе новиот министер од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.