Evren Aydemir, Senada Ibraimova
24 Март 2017•Ажурирај: 25 Март 2017
БЕРЛИН (АА) – Германската канцеларка Ангела Меркел, во врска со иднината на преговорите за членство на Турција во ЕУ, изјави дека треба да се донесе одлука според случувањата по референдумот за промена на Уставот во државата, јавува Anadolu Agency (AA).
Меркел во интервју за германскиот весник „Пасаур Ноје Прессе“, на прашањето: „До кога ќе продолжите да давате умерени изјави кон Ердоган?“, нагласувајќи дека е важно каков резултат ќе произлезе, одговори: „На средбите со претседателот Ердоган, се изразувам отворено. Меѓутоа, како премиер, размислувам во целина од аспект на нашите геополитички односи со Турција, и од аспект на заедничкото живеење со милионите луѓе од турско потекло кои се наоѓаат во Германија“.
Меркел потсети дека треба да завршат споредувањата со нацистите, бидејќи како што рече, во спротивно, во иднина би ги преземале чекори коишто не се отворени за јавноста. „Ваквите споредби не се соодветни и го потценуваат ужасот на Национал-социјализмот“, рече таа.
На прашањето во врска со тоа дали ќе прекинат преговорите на Турција за членство во ЕУ по сите случувања, Меркел изјави: „Треба да го чекаме резултатот од референдумот во Турција и периодот потоа. Исто така, сериозно ја прифаќаме забелешката на Венецијанската комисија во Советот на Европа, дека со голема загриженост гледа на плановите за промена на уставот во Турција“.
Меркел повтори дека спроведениот договор меѓу Турција и ЕУ за бегалците е корисен за сите засегнати страни и за бегалците, и додаде дека благодарение на овој договор, приливот на бегалци кон Европа е значително намален, во споредба со минатата година.
Таа вели дека не е решение да се затворат границите и да се префрли проблемот од една во друга држава, а притоа забележа оти благодарение на договорот со Турција, започна да се решава проблемот во вистинската смисла на зборот.
На прашањето во врска со односите со САД, Меркел рече дека прекуатлантските односи за Европа отсекогаш биле од големо значење, и притоа нагласи дека ќе вложи напори овие односи да се развијат на најдобар начин. „Имаме различни мислења во врска со некои проблеми, но генерално остваривме добри средби“, вели Меркел.
На прашањето пак, во врска со тоа дали наскоро ќе бидат прекинати санкциите кон Русија поради случувањата во источниот дел на Украина, Меркел рече дека тоа е возможно, доколку се спроведат условите од Минскиот договор.