Hande İlbeyi Canca
12 Мај 2017•Ажурирај: 12 Мај 2017
АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес во Анкара изјави дека случувањата во Сирија и во Иран не претставуваат директна закана ниту за САД ниту за Русија, туку се закана за луѓето во земјите зафатени од судирите и за соседните земји, како што е Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ако случувањата во регионот претставуваат закана за нас, зошто тогаш другите ги интересира тоа? Ако сакаат да сторат нешто добро, во ред, ние веќе во НАТО сме сојузници со САД. Затоа двата силни сојузника треба во овој регион да прават заеднички чекори. Сметаме дека е несоодветно до САД да стои некоја терористичка организација или САД до неа. Тоа не го сметаме за коректно“, изјави Ердоган.
Во врска со борбата против терористичката организација ДЕАШ, Ердоган изјави дека во овој момент, Турција се бори против таа терористичка организација на највисоко ниво.
„Дали уште некој покрај Турција се бори против ДЕАШ? Не. Сите остануваат само на зборови. Турција продолжува со борбата против тероризмот во и надвор од своите граници. Ќе се бориме и понатаму против ДЕАШ, ПКК, ПЈД и ЈПГ“, изјави Ердоган.
Претседателот на Турција изјави дека при посетата на САД, најавена за 16 мај, со американскиот претседател Доналд Трамп ќе разговара и за испорачувањето на водачот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен.
„Постојат уште информации и документи во врска со тоа, кои ќе бидат врачени. Ја почитувам волјата на Трамп во врска со тоа прашање и ние за тоа барање ќе одиме до крајот. Според моето мислење, САД не би требало да дојдат во ситуација да бидат гнездо и инкубатор на ФЕТО“, порача Ердоган во обраќањето пред новинарите во Анкара, пред заминувањето во официјална посета на Кина.