Hakan Çopur
12 Мај 2017•Ажурирај: 13 Мај 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, истакна дека планирал да го разреши директорот на Федералното истражно биро (ФБИ), Џејмс Коми, пред официјалната препорака на Министерството за правда и оти и без препораката на министерството ќе одлучел да го разреши, пренесува Anadolu Agency (AA).
Трамп, во интервјуто за американскиот ТВ-канал NBC (Ен-би-си), во врска со разрешувањето на Коми истакна дека тој не ја вршел неговата должност и уште оти од претходно одлучил да го разреши. „Ќе го разрешив Коми и да не беше препораката на Министерството за правда“, вели тој. Но, овие негови зборови се контрадикторни со соопштението на Белата куќа, каде што се наведува дека Трамп го разрешил Коми врз основа на препораките на министерот за правда, Џеф Сешнс, и неговиот заменик, Род Розенстајн.
Трамп истакна дека одлуката за разрешување на Коми е вистинска одлука, тврдејќи дека веќе нема толку доверба во Коми и дека ФБИ доживеало големи проблеми во овој процес.
Трамп нагласи дека од Коми барал да ја продолжи истрагата за Русија водена од страна на ФБИ, и оти никогаш не побарал оваа истрага да се остави настрана. „Ако Русија нешто направила, сакам да го знам тоа“, вели тој.
Од друга страна, заменик-портпаролката на Белата куќа, Сара Хакаби Сандерс, ги поддржа изјавите на Трамп и истакна дека директорот на ФБИ може да биде разрежен само од страна на претседателот.
- Привремениот директор на ФБИ го поддржа Коми -
Привремениот директор на ФБИ, Ендрју Маккејб, во врска со истрагата за Русија и разрешувањето на Коми истакна дека зборовите на Трамп и соопштението на Белата куќа се контрадикторни, и пренесе дека ФБИ не ја изгубила довербата во Коми, и оти еден голем дел од вработените на оваа институција се длабоко и позитивно поврзани со директорот Коми. „Имам голема почит кон него“, истакна тој. Меккејб нагласи оти истрагата за Русија е мошне значајна за нив, и пренесе дека ФБИ поседува доволно извори во рамките на истрагата за Русија, и ќе продолжат да работат на оваа истрага.
Трамп во својата изјава за медиумите во врска со разрешувањето на Коми во вторникот, истакна: „Едноставно не ја вршеше неговата должност“.
„Коми ја изгуби довербата речиси кај сите, без разлика дали се републиканци или демократи. Кога ќе се нормализираат работите, секој ќе ми биде благодарен“, се наведува во објавата на Трамп на неговиот профил на „Твитер“.
Заменик-портпаролката на Белата куќа, Сандерс, на вчерашната прес-конференција истакна дека претседателот Трамп во последните месеци ја изгубил довербата кон Коми, и нагласи дека од денот кога бил избран за претседател, Трамп планирал да го разреши.
ФБИ водеше истрага во врска со тврдењата дека Русија интервенирала во претседателските избори во САД, а Коми минатата недела одговараше на прашањата на Сенатот на САД во врска со истрагата. Педесет и шестгодишниот Коми во септември 2013 година беше назначен за оваа позиција од страна на тогашниот претседател на САД, Барак Обама.